Search

Распад на самитот на ЕУ:Италијa се заканија со вето,Туск ја откажа прес-конференцијата

Многумина предвидуваа дека на овој самит конечно ќе се договори новиот систем за заедничката политика за азил, но од тоа нема ништо затоа што нема ниту приближен консензус меѓу земјите членки.

Италија бара од другите земји членки да покажат поголема солидарност кога станува збор за миграцијата, а италијанскиот премиер Џузепе Конте по доаѓањето на самитот се закани со вето на донесувањето на заклучокот на самитот и неговите закани засега се остваруваат.

„Италија многу работеше на предлогот кој што го испрати до Советот. Тоа е разумен предлог во рамките на вредностите на Европската унија. Разговарав со другите земји членки и тие понудија поддршка. Сега, чекаме зборовите да бидат претворени во дела“, изјави Конте пред почетокот на самитот.

На прашањето што ќе се случи ако италијанскиот предлог не биде прифатен, Конте изјави дека „не сака да разгледува таква можност“, додавајќи дека во еден таков случај, тогаш воопшто нема да биде донесен заклучок.

Европските земји „се скараа“ поради миграцијата, а со оглед на тоа што за време на вечерата се разговарало на таа тема, по крајот требало да бидат изнесени заклучоци. Меѓутоа, сепак такво нешто не се случило: „Со оглед на тоа што една земја членка изрази резерва на сите заклучоци, тоа значи дека никакви заклучоци не се донесени во овој момент“, изјави претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, не откривајќи за која земја членка станува збор, иако е јасно дека станува збор за Италија.

Поради тоа, Туск ја откажа и конференцијата за медиуми, а претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер даде свој коментар после заканите на италијанскиот премиер: „Не ме загрижува ветото, туку ме загрижува состојбата на италијанските брегови“.

Станува збор за еден од најтензичните самити кои што се одржуваат во Брисел во последните неколку години, пред се поради напнатоста поради миграцијата, трговските разлики со САД, потребата за реформи на еврозоната и слично.

Сепак, во центарот на вниманието е најголемиот европски проблем моментално, а тоа е миграцијата. Челниците на ЕУ разговараат за предлог за воспоставување на регионални центри за прифаќање на мигранти надвор од територијата на ЕУ, каде што ќе бидат сместувани мигрантите кои ќе бидат спасени на море.

Од претходно, се предвидуваше дека на овој Самит конечно ќе биде договорен и заедничкиот систем за политиката за азил, нешто за што се разговара веќе две години, но поради немањето на консензус тоа било откажано.

„Предлагам да се фокусираме на надворешните граници на ЕУ, вклучувајќи го и проектот на платформата за „истоварување“. Алтернативата на тоа решение е хаотично затворање на границите, исто така и во ЕУ, а со тоа и конфликт меѓу земјите членки“, изјави Туск.

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека прашањето за заштитата за надворешните граници на ЕУ е „нешто што ја обединува Европа“. Со оглед на тоа што најверојатно нема да биде постигнат договор за миграцијата, Меркел ќе се обиде преку билатерални односи со земјите да се договори и да овозможи враќање на бегалците во првите земји од ЕУ каде што биле регистрирани.

Треба да знаете
Последни објави