Search

Рамчиловиќ се заблагодари за поддршката да стане потпретседател на Собранието

Новоизбраниот потпретседател на Собранието, Зекир Рамчиловиќ денеска по изборот истакна дека недобивањето на датумот за почеток на преговори кој негативно влијаел врз целото општество, за него бил дополнителен мотив за одлуката да направи исчекор со кој поактивно ќе се вклучи во процесот на реформите од кои граѓаните и државата ќе имаат бенефит и со кои ќе се потври дека местото на Република Северна Македонија и е во НАТО и ЕУ.

Рамчиловиќ изразува почит, благодарност и признание на Независната пратеничка група за, како што наведува, сето она што го направиле заедно за државата во изминатиот период и со верба дека Независната пратеничка група и понатаму ќе продолжи да биде конструктивен чинител во работата на Парламентот.

– Им се заблагодарувам на парламентарното мнозинство и на сите оние кои ме предложија и ја поддржаа мојата кандидатура за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија. За мене тоа претставува голема чест и обврска за понатамошно делување, но и признание за посветената работа во законодавниот дом во изминатиот период. Дополнително што со ова се потврдува искрениот пристап на власта за градење на едно општество со еднакви можности и права за сите граѓани, но и споделени должности, обврски и одговорност без оглед на етничката, верската или друга припадност. Очекувам ова да стане и пракса да во секој понатамошен парламентарен состав еден од потпретседателите биде од редот на помалкубројните етнички заедници. Поради тоа, особена благодарност до оние пратеници од помалкубројните етнички заедници кои тоа го препознаа, ме поддржаа и гласаа за мене, посочува Рамчиловиќ.

Тој изразува верување дека функцијата потпретседател на Собранието ќе му овозможи да даде поголем придонес во развојот на парламентарната демократија и реформските процеси и дека достоинствено ќе го претставува Собранието.

Треба да знаете
Последни објави