Search

Разрешениот Ангелов на ФБ негира поврзаност со аферата со токсичниот отпад во Бугарија

,,Драги пријатели и мили непријатели, сакам да Ви соопштам неколку работи за мене и обвинувањата кои безмилосно и без мерка ги упативте кон мене и мојата фамилија“-пишува на својот ФБ профил директорот на ,,Дрисла“, кој е веќе разрешен откако Град Скопје ја презеде депонијата во свое владение.

Тој отфрли поврзаност со увозот на токсичен отпад во Бугарија.

,,Отфрлам секаква одговорност околу отпадот кој се наоѓа на бесцаринските зони во пристаништата Бургас и Варна.
Не сум увозник нити нарачател на тој отпад и јас разбрав за тој отпад од бугарските медиуми“-вели Ангелов.

Потврдува дека е косопственик во фирмата Балзион со влог од 15%, но не е управител ниту директор на истата.

,,Денес сите Бугарски медиуми соопштија дека станува збор за неопасен отпад, а врз основа на анализите направени изминативе два дена од соодветните Бугарски институции (МВР, Обвинителство, Министерство за екологија).
Вистината ќе ја види светлината на денот.

Сто пати повторив, но еве уште еднаш, во Дрисла немаме примено или увезено ниту еден килограм отпад од странство, а не пак опасен или токсичен, за што сите релевантни македонски институции се изјаснија, во Дрисла нема ниту опасен, ниту неопасен отпад од увоз.
Зарем мислите дека јас ќе ја загрозам мојата сигурност, безбедноста на вработените и на сите граѓани од Скопската котлина со вакви измислени увози на опасен отпад“-прашува Ангелов.

,,Не заборавајте дека и јас сум секој ден на работа во Дрисла и не сум во стаклено ѕвоно, туку секој ден сум на депонијата.
Сепак и мојата фамилија живее во Скопје, зарем би дозволил да си ги трујам децата? Престанете со манипулации и барајте ги вистинските загадувачи во Скопската Котлина, кои Вас, мене, Вашите и мојата фамилија ја трујат“-пишува Горан Ангелов.

Тој јавно поставува едно прашање:

,,Дали е случајно што се создаде афера во Бугарија, каде ние Македонците сме посочени за увоз на отпад, а во меѓувреме има уште сто такви афери каде не се објавуваат ниту иницијалите на сопствениците и управителите, а во голем случај ниту фирмите кои се инволвирани во слични случаи, ама нас не посочија со име и презиме, не оцрнија, не прогласија за виновни и чекаме ,,бесилка”.
Зарем правилото на презумција го заборавија во европска Бугарија?“-прашува тој.

Горан Ангелов смета дека не е случајно што токму денеска се трансформира Дрисла од ДОО во ЈП и ќе биде сменет и тој од директорската позиција.

,,Филигранска случајност“-го звршува своето писание Горан Ангелов на неговиот ФБ профил.

 

Треба да знаете
Последни објави