Search

Работниците на Тетекс Јарн се уште ги немаат добиено платите за февруари и март

Околу 160 работници од фабриката за производство на предиво и волница Тетекс Јарн Лимитед се уште ги немаат добиено платите за февруари и март, по затворањето на фабриката на 1 април. Тие денеска повторно добиле негативен одговор од управителот и своето незадоволство ќе го изразат преку нови јавни протести кои веќе на неколку пати досега ги одржаа.

-Сега имавме состанок, се уште ги немаме добиено двете плати кои чесно се заработени. На денешниот состанок ни беше кажано дека нема решение, а управителот ни рече дека немало пари за исплата со образложение дека границите се затворени и не може да се продаде стоката. Од друга страна ние често пати сме гледале како со десетици камиони се извадени тони стока и стотици тони старо железо од машините. Сметаме дека имаше останото околу 30 тони стока, волница и друго, како и дека има пет погони. Од само еден погон е извадено 60 тони железо и сметаме дека е продадено, но нема волја досега да ни ги дадат платите, изјави Ванчо Ѓеровски, претставник на вработените.

Тој потенцира дека работниците и понатаму преку институциите ќе бараат да им се исплатат парите.

-Апелираме Владата да ни помогне. Ние сакаме да протестираме и пред Владата.  Ќе протестираме и пред амбасадата на Бугарија, бидејќи сопственикот и управителите доаѓаат од таму. Сакаме да им кажеме дека нивниот бизнисмен тука оставил лош впечаток како работодавач и дека тоа лошо влијае врз репутацијата на идните ивенститори, рече Ѓеровски.

Управителот Петар Камбуров не беше достапен за коментар за состојбите, поради зафатеност со состаноци.  Тој единствено има дадено изјава за медиумите на 21 април, кога истакна дека плати нема поради друга причина.

-Проблемот со платите е во тоа што поранешниот директор и адвокатот на фирмата на 31 март потпишале документи со кои непрописно се блокирани сметките на фирмата. Секое евро кое ќе влезе на сметката на Тетекс Јарн Лимитед треба да отиде на сметката на адвокатот. Кажувам дека е непрописно, бидејќи знаеле дека од 1 април никој нема право да прави блокади на сметките на фирмите. Доколку тоа прашање не се реши нема како да ги исплатам платите на вработените, истакна на 21 април Петар Камбуров.

Работниците неколку пати досега имаа јавни протести, а случајот го имаат пријавно во Трудов инспекторат и други институции.

Треба да знаете
Последни објави