Search

Работниците на „Нисан“ во Барселона на протест поради плановите за затворање на фабриката

Илјадници луѓе маршираа во Барселона во знак на протест против одлуката на јапонскиот автомобилски гигант „Нисан“ да ја затвори својата фабрика во регионот, што ќе резултира со загуба на речиси 3.000 работни места, пренесува РТ.

Медиумите објавија дека луѓето палеле свеќи и запалиле автомобилски гуми за време на протестот, а синдикатите соопштија дека планираат да формираат човечки синџир околу главната фабрика на „Нисан“ во Барселона подоцна во текот на денот.

Извршниот директор на „Нисан“, Макото Учида, ја објави денеска одлуката за затворање на фабриката како дел од планот за реструктуирање на компанијата.

Според шпанската влада, одлуката да се прекинат операциите во Барселона е донесена и покрај предлозите на локалните власти за одржување на фабриката. Затворањето на фабриката, која произведува пикапи и комбиња, ќе го чини „Нисан“ 1 милијарда евра.

„Очигледно жалиме за оваа одлука“, рече министерот за економија Надио Калвино за радиодифузерот ТВЕ, велејќи дека владата ќе продолжи да работи со „Нисан“ и со локалните и регионалните власти за да види дали е можно алтернативно решение.

Автомобилскиот производител, наводно, планира да го премести производството на пикапот „навара“ во Јужна Африка, а комбето од моделот „Е-NV200“ ќе се произведува во фабриката на „Рено“ во Мобеж, Франција.

На почетокот на овој месец, „Нисан“ ги негираше извештаите дека планира да го намали своето европско присуство и да се фокусира на САД, Кина и Јапонија. Работниците организираа протести уште од почетокот на мај, откако компанијата само делумно го продолжи производството по привремениот прекин поради пандемијата на Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави