Search

Работна посета на МНР Никола Димитров на Грац

За време на еднодневната работна посета на покана на Универзитетот во Грац, вчера министерот Димитров одржа предавање отворено за јавност, на тема „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија.” Во таа прилика, МНР Димитров истакна: „Преспа отстрани пречка во нашите односи со Грција, но истовремено изгради и мост кон ЕУ интеграцијата на нашата земја. Со Преспанскиот Договор постигнавме нешто што Шуман, еден од идејните татковци на Европската унија би го опишал како “де факто солидарност преку конкретни дела”. Дополнително, Министерот Димитров зборуваше и за реформските чекори кои активно се преземаат на патот кон ЕУ интеграцијата.

За време на посетата на Универзитетот, Министерот Никола Димитров оствари средба и со ректорот на Универзитетот, Криста Нојпер, а тој одржа и неформална дискусија со академици и бизнисмени на која се осврна на реформските процеси, а особено на чекорите кои се преземаат во борбата против корупцијата.

На работната средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната Влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, беа разменети мислења за европската интеграција на земјата, како и можностите за реализирање конкретни проекти за продлабочување на целокупната соработка помеѓу регионот Штаерска и Република Северна Македонија. За време на престојот, во рамките на своите медиумски активности, МНР Димитров даде интервјуа за австриските медиуми, Клајне Цајтунг и Профил.

Треба да знаете
Последни објави