Search

Работилница за изнаоѓање на законски решенија за забрана за согорување јаглен во домаќинствата

Во Скопје се одржа првата работилница за изработка на целосно законско решение со кое ќе се регулира забраната за користење на цврсти високо загадувачки енергенси и стандардизирањето на типовите на печки за затоплување, како дел од имплементацијата на Планот за чист воздух.

Работилницата беше во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакна дека очекува со вклучувањето на надлежните институции, граѓанските организации и другите релевантни чинители да се изнајде оптимално законско решение за прекумерната емисија на штетни гасови во атмосферата што се резултат на согорувањето на јаглен во домаќинствата и стопанските субјекти кои користат јаглен во ложиштата.

– Со овие активности не само што ќе се намали загадувањето на воздухот, туку и директно ќе се придонесе за намалување на негативните ефекти од климатските промени, зголемување на енергетската ефикасност, поголемо користење обновливи извори на енергија, што на подолг рок, ќе доведе до намалување на емисијата на стакленички гасови и до исполнување на целите зацртани со договорот од Париз и целите на ОН, соопштуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Покрај тоа, тој нагласи дека очекува вклучување на приватниот сектор, како пример за имплементација за некористење на јаглен како извор на загревање во своите објекти.

Извршната директорка на „Еко‐свест” Ана Чоловиќ Лешоска, исто така, истакна дека со регулирање на согорувањето на јагленот, негативните ефекти од штетните емисии ќе бидат значително намалени.

Мерката за забрана за увоз и продажба на јаглен за греење, како и донесување на потребните законски измени е предвидена во Планот за чист воздух, во делот кој се однесува на намалување на емисиите на загадувачки супстанции од затоплувањето во домаќинствата, што доби консензуална поддршка во Собранието на Република Северна Македонија.

На работилницата било оценето дека поцелисходно е донесувањето на ново засебно законско решение, отколку интервенција во повеќе законски решенија истовремено.

Дополнително, на работилницата се дискутираше и за можноста за проширување на забраната за согорување на јаглен за затоплување со забрана и за други фосилни горива (на пр. мазут), како и за одржливоста на мерката за проширување на забраната за согорување на јаглен и на индустријата, поточно на стопанските објекти и реалните можности и негативните економски ефекти од реализацијата.

Треба да знаете
Последни објави