Search

Путин тврди дека односите меѓу Русија и САД продолжуваат да се влошуваат

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека односите меѓу Москва и Вашингтон стануваат сè полоши, нагласувајќи во едно интервју објавено во четвртокот дека сегашната американска администрација наложила десетици различни санкции врз Русија.

Проценката на Путин доаѓа кратко пред самитот Г-20 во Осака, Јапонија, на крајот на овој месец, на којшто тој можеби ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Односите меѓу САД и Русија остануваат тензични во поглед на повеќе прашања, од Сирија до Украина.

„Тие (нашите односи) одат во надолна линија, се влошуваат сè повеќе и повеќе“, изјави Путин за телевизискиот канал „Мир“.

„Сегашната администрација одобри, според мое мислење, неколку десетици одлуки за санкции против Русија во последниве години“.

Рускиот претседател додаде дека додека односите со САД остануваат проблематични, оние со Кина продолжуваат да се зацврстуваат како резултат на продлабоченото стратешко пријателство.

Трамп во средата рече дека ќе се состане со Путин на Г-20 во Јапонија, но Кремљ само ден претходно изјави дека состанокот е неизвесен и дека сè уште немало дискусии за одредување на деталите околу истиот.

Трамп, исто така, рече дека се надева дека САД ќе имаат одлични односи со Русија, но вети дека ќе испрати 1.000 американски војници во Полска, чекор што го побара Варшава за да се спротивстави на потенцијалната агресија од Русија.

Американскиот претседател во средата рече дека размислува и за санкции во врска со рускиот проект за гасоводот Северен поток 2 и ја предупреди Германија да не биде зависна од Русија за енергија.

Путин, кој се изјасни во корист на Кина во нејзината трговска војна со САД, во истото интервју изјави дека се надева дека врските со Вашингтон ќе се подобрат и покрај сегашната траекторија на нивниот однос.

„… Навистина се надеваме дека на крајот ќе преовлада здравиот разум“, рече Путин. „Дека со сите наши партнери, вклучувајќи ги и нашите американски партнери … може да донесеме некои одлуки во рамките на претстојниот самит, кои ќе бидат конструктивни и ќе ги создадат потребните стабилни услови за економска соработка“.

Треба да знаете
Последни објави