Search

Путин отвори две нови електрани на Крим

Рускиот претседател Владимир Путин денеска отвори две нови електрани на Крим, каде престојува денеска по повод одбележувањето на петтата годишнина од анексијата на полуостровот од страна на Русија.

Електраните, кои се наоѓаат во градовите Севастопољ и Симферопољ, беа делумно отворени минатата година, но со денешните церемони тие почнаа да работат со полн капацитет.

Претходно во текот на денот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека отворањето на електраните ќе покаже дека Крим првпат е во состојба да ги задоволи сите свои енергетски потреби. Пред анексијата кон Русија, Украина подмируваше 80 отсто од потребите за електрична енергија на Полуостровот.

Украина бара да и биде вратен Крим, кој и натаму повеќето земји го сметаат како нејзина територија, додека Русија смета дека ова прашање е завршено засекогаш.

По окупацијата на Крим во 2014 година од страна на руските сили, на полуостровот беше организран референдум на кој големо мнозинство од населението се изјасни за припојување кон Русија.

Москва вложи големи напори за да го интегрира Крим и да ја намали неговата зависност од Украина, вклучително и изградбата на гигантски мост кој го поврзува Полуостровот со јужна Русија. Но, санкциите на Западот, кои имаа за цел да се казни Москва за анексијата на Крим, помогнаа тој да се изолира, да се зголемат цените и да се забави развојот.

Анкетите на рускиот Центар за испитување на јавното мислење овој месец покажаа дека само 39 отсто од Русите веруваат оти анексијата донела повеќе придобивки отколку штета, што е значителен пад во споредба со 2014 година кога такво мислење имаа 67 отсто анкерирани руски граѓани.

Треба да знаете
Последни објави