Search

Путин до Макрон: Неприфатливи се обидите за мешање во работите на Белорусија

Рускиот претседател му порача на Емануел Макрон во разговорот за Белорусија дека секој обид да се меша во прашањата на една суверена земја е неприфатлив.

„Принципиелниот став на Русија е дека сите обиди за мешање во внатрешните работи на една суверена земја и надворешниот притисок врз легитимните власти се неприфатливи“, се вели во соопштението на руското претседателство.

Путин и Макрон разговараа телефонски вчера, ден по средбата на Путин во Вилнус со шефицата на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја.

Но Кремљ тоа не го спомна во соопштението, наведува агенцијата „Франс прес“.

Во Белорусија со недели се одржуваа протести по реизборот на претседателот Александар Лукашенко, што опозицијата го оспорува.

Макрон води политика на дијалог со Русија и ваквиот став повремено го доведува во судир со сојузниците во Европската Унија. Сепак, тој неодамна ја смени таа политика и се приближува кон поцврстата позиција на Германија, на пример, кога француското Министерство за надворешни работи го опиша труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални како криминално дело.

За белоруското прашање, Макрон вети дека ќе помогне во посредување во политичката криза.

Треба да знаете
Последни објави