Search

ПССЕ и ги врати сите овластувања на делегацијата на Руската федерација

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) гласаше за ратификување на акредитивните писма на руската делегација по оспорувањето на вториот ден од пленарната седница во Стразбур – истакнувајќи притоа дека сака „да го задржи дијалогот како начин да се постигнат одржливи решенија”, јавува дописникот на МИА.

За возврат, Собранието ги повика руските власти да ги спроведат на дело  серијата на неодамнешни препораки од ПССЕ, вклучувајќи го и ослободувањето на украинските морнари, да соработува за изведување пред лицето на правдата на одговорните за уништувањето на летот МХ17 и да преземат чекори и мерки за ставање крај на прекршувањата на правата на ЛГБТИ лицата, особено во Чеченската Република.

Во резолуцијата усвоена врз основа на извештајот на Сер Роџер Гајл (Обединетото Кралство), пратениците од 47-те земји членки на Советот на Европа, истакнаа дека ПССЕ е место каде „политичкиот дијалог за обврските на Руската Федерација според Статутот на Советот на Европа, може да се одржи со учество на сите заинтересирани страни ” и каде што руската делегација може да биде повикана да „известува” врз основа на вредностите и принципите на Организацијата.

ПССЕ притоа изјави дека очекува неговата „недвосмислена понуда за дијалог” да биде реципрочна и да деоведе до конкретни резултати. ПССЕ вети дека ќе го разгледа извештајот за усогласеност со обврските на Русија најдоцна до април 2020 година.

Во понеделникот доцна ноќта, ПССЕ го промени својот деловник по долга расправа што и дозволи на руската парламентарна делегација да се врати во ПССЕ, што можеше да доведе и до излегување на Русија од Советот на Европа. Имено Руската федерација од пред две години не го плаќаше својот придонес во буџетот на Советот на Европа (7% од вкупниот буџет). Сега Русија му должи на Советот на Европа околу 75 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави