Search

ПССЕ ги потврди акредитациите на руските пратеници

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) доцна попладнево усвои Резолуција со која се потврдуваат целосните овластувања на руските пратеници во ова претставничко тело на најголемата паневропска организација.

„За” Резолуцијата гласаа 116 пратеници, 62 беа „против”, а 15 се воздржаа од гласање.

По усвојувањето на Резолуцијата, украинската делегација во ПССЕ го напушти заседанието.

Украинските пратеници вчера се повлекоа од работата на ПССЕ, откако Собранието во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, по долга и на моменти напната дебата, одлучи да го промени својот Деловник и со таа промена да дозволи времено враќање на руската делегација во собраниската работа.

Акредитивните писма на новата руска делегација во ПССЕ презентирани вчера изутрина, на вториот ден од летната пленарна сесија, веднаш беа оспорени поради „значајни и формални причини”.

Грузискиот пратеник Нино Гогуадзе, оспорувајќи ги акредитивните писма, се осврна на „постојаното неисполнување од обврските од страна  на Русија”. Ова оспорување беше поддржано од најмалку 30 членови на Собранието присутни во салата од најмалку пет национални делегации.

Украинскиот пратеник Володимир Ариев, пак, ги оспоруваше акредитациите повикувајќи се на формални причини поради „неправилности во составот на делегацијата”. Тој беше поддржан од најмалку десет членови на Собранието присутни во салата од најмалку пет национални делегации.

Пред денешното гласање до ПССЕ беше доставено мислење на една од неговите комисии, со кое се предлагаше да се прифатат акредитациите на руските пратеници.

Комисијата за следење на состојбите на ПССЕ во мислењето изразува жалење за недостигот на соработка од руска страна и поради голем број негативни трендови  во поглед на демократијата, владеењето на правото и човековите права во Русија, кои имаат влијание врз почитувањето на другите обврски преземени од земјата.

Но, во исто време, Комисијата нагласува дека ПССЕ отсекогаш било посветено на политичкиот дијалог како средство за компромис и одржливи решенија и смета дека тоа е најважната платформа каде што дијалогот можат да се исполнат обврските на Русија во согласност со Статутот на Советот на Европа и со учество на сите засегнати страни, при што руската делегација е одговорна врз основа на вредностите и принципите на Советот на Европа.

Поради овие причини, Комисијата предложи ратификација на акредитациите на парламентарната делегација на Руската Федерација.

Украина претходно се закани дека ќе се повлече од Советот на Европа, ако им се врати правото за учество во работата на ПССЕ на пратениците од Русија.

Треба да знаете
Последни објави