Search

Проштална средба на претседателот Пендаровски со јапонската амбасадорка Кеико Ханеда 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска на проштална средба ја прими Кеико Ханеда, амбасадорка на Јапонија во Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за пријателските односи меѓу двете држави коишто во изминатите години бележат нагорен тренд, при што беше изразено очекување за натамошно нивно продлабочување во сите сфери од заеднички интерес, особено на економски план.

Соговорниците констатираа дека Јапонија е голем поддржувач на нашата земја за интеграција во евроатлантските структури и придава големо значење за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, а каде што стабилниот развој на Република Северна Македонија има значајна улога.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на нашата држава од нејзиното осамостојување до денес, при што беше истакната јапонската поддршка за осовременување и унапредување на здравствениот сектор, што во услови кога се справуваме со пандемијата предизвикана од Ковид-19 е повеќе од драгоцена.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман на амбасадорката Кеико Ханеда, која воедно беше и прв резидентен амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски и посака успех во натамошниот нејзин професионален ангажман.

Треба да знаете
Последни објави