Search

Протест против злоупотреба на историјата во процесот на европските интеграции на Македонија

Група историчари од поранешните југословенските републики Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, со потпишување заедничка Декларацијата „Да ја одбраниме историјата”, реагираат на, како што наведуваат, злоупотреба на историјата во процесот на европските интеграции на Северна Македонија од страна на Бугарија.

Заедничката декларација е потшишана и од голем број други интелектуалци од поранешна Југославија, кои исто така протестираат поради одлуката на Софија заради историски прашања да го блокира почетокот на преговорите за пристапување на земјава во ЕУ.

МИА во целост ја пренесува Декларацијата „Да ја одбраниме историјата”.

„Судирите за историјата и историските симболи повторно се важна политичка тема во Југоисточна Европа. Во текот на последните месеци, Владата на Република Бугарија се заканува со блокада на почетокот на преговорите помеѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина” дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создал Тито и Коминтерната.

Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата”, ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој пример на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека овој пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и за самата Европска унија. Наметнувањето „историски вистини” е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа, бараме од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите во својата дисциплина. Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги подржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа да не дозволиме преку искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обедината Европа.

Ние, потписниците на ова писмо даваме подршка на интелектуалците и историчарите во Северна Македонија и Бугарија кои отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професиоја и професионалните стандарди. Само солидарни можеме да ги совладаме озбилните пречки кои стојат пред нас!, се наведува во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата” потпишана од историчари и други интелектуалци од поранешните југословенски републики заради злоупотребата на историјата во процесот на европските интеграции на Северна Македонија од страна на Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави