Search

Протест на жители на Мариово, бараат обнова на регионалниот пат Прилеп – Витолишта

 Жители на Мариово изутрината од 8 до 10 часот го блокираа патот од излезот на Прилеп за Мариово барајќи да се обнови регионалниот пат до Витолиште кој, како што велат, е во катастрофална состојба и не е безбеден. Од Иницијативниот одбор тврдат дека досега се обраќале со писма до сите надлежни институции, но немало никаква реакција на нивните барања за реконструкција на патот до оваа голема област која се граничи со Грција. Барат средба со локалните власти и одговор од институциите за итно преземање мерки за реконструкција на патот.

Тренчо Димитроески од Иницијативниот одбор изјави дека е крајно време да се преземат мерки зашто патот е опасен за сите кои се уште живеат во Мариово, за туристите кои сакаат да го посетат и истовремено е нефункционален за стопанствениците со фирми во тој дел.

– Овој протест дојде по долги консултации со населението и со сите кои работат и стопанисуваат во Мариово. По неколку години со писмени и усни обраќања до сите институции во градот и во државава и со повици дека патот за Мариово е во премногу лоша, па и критична состојба, решивме да протестираме. Единствен е пат кој дава пристап до прилепско Мариово и каков што е сега, Мариово е отсечено. Навредливо е што дел од надлежните велат зошто е пат, кога таму нема жители. Во Мариово има луѓе кои живеат, околу 200 жители, има стопанственици, а доаѓаат и туристи и се интересираат за Мариово. Има сточари и стопанственици кои придонесуваат за државата. Има најмалку пет рудници. Каков туризам ќе развиваме кога нема пристапен пат? Има велосипедски трки и трки со мотори низ Мариово, ама имаше и критични случаи, а патот има земено жртви. Имаше три случаи на тешко повредени, изјави Димитриоски.

Испратени се писма, како што информира, до премиерот, до министерствата за транспорт и врски и до финансии, до пратениците, до локалната самоуправа на Прилеп. – Проблемот треба итно да се решава. Проблемот со патот мора да се реши. Од Прилеп до Витолиште е во должина од 53 километри, а најкритични се 10-ина километри од селото Штавица до Липов дол. Треба најитно да се санира, да се реконструира, рече Димитриоски.

Митре Грнчески од село Врпско вели до патувањето им е отежнато.

-Јас сум жител на селото Врбско, 13 километри по Витолиште. Патот е каменест, сами го поправавме и се оди само со џип. Тажно беше кога син ми прв стигна до Белград, а јас подоцна до Врпско. Во зима е уште покритично, ова и другите села се отсечени, објаснува Грнчески.

Во прилепско Мариово има 13 села со околу 200 жители.

Треба да знаете
Последни објави