Search

Протест во Атина по повод четири годишнината од почетокот на судењето на Златна зора

Под слоганите „Време е неонацистите да одат в затвор”; „Никогаш повторно фашизам”; „Да се осудат убијците неонацисти од Златна зора”, организации и здруженија за борба против расизмот, синдикати на вработени, меѓу кои и синдикатот на вработените во јавниот сектор, утрово одржа протест пред Апелацискиот суд и Обвинителството во Атина по повод четири годишнината од почетокот на судењето на Златна зора, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако без голема масовност, демонстрантите испратија порака дека членовите на Златна зора треба да бидат осудени, но и да не се прифатат предлозите на Владата за промени во Кривичниот законик, според кои казните би биле помали.

Еден од адвокатите во судскиот процес, Костас Пападакис вели дека „постоењето на Златна зора како нацистичка криминална организација е целосно докажано од доказниот материјал”.

– Судскиот процес значајно е забрзан и се приближуваме до крајот. Се сослушуваат сведоци на одбраната на обвинетите и се забележуваат откажувања. Од првите 110 од 230 пријавени сведоци на одбраната, кои беа повикани да дадат исказ, сведочеа само 40, а останатите 70 се откажаа. Ова се случува бидејќи сведоците се наоѓаат пред конфронтации, лаги и неверодостојност, вели Пападакис.

Во однос на тоа кога би се донеле конечните пресуди, адвокатот на прашањето на дописничката на МИА од Атина, вели дека ќе треба да почекаме уште неколку месеци.

– За одлуките и пресудите потребни се многу месеци, а одбраната на обвинетите прави опструкции за да нема пресуда пред изборите, објаснува адвокатот Костас Пападакис.

Судскиот процес за Златна зора, која е осомничена за криминална група, за низа расистички напади и две убиства, започна на 20 април 2015 во специјално адаптирана просторија во атинскиот затвор „Коридалос”, а подоцна беше префрлен во судница.

Многумина во Грција, тогаш, судењето го нарекуваа историско, а првото рочиште се одржа со огромна медиумска покриеност, како од грчките, така и од светските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави