Search

Протест во Атина на локалните власти и жителите од островите од северниот дел на Егејското море

Да се повлече владината одлука за изградба на нови центри за бегалци и мигранти е главното барање и главната порака што денеска, локалните власти и жителите од островите од северниот дел на Егејското море, ќе ја испратат за време на протестот закажан пред Министерството за внатрешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според најавите, се очекува да пристигнат во Атина граѓани од Лезбос, Хиос и Самос за да го изразат нивното незадоволство.

-Во изминатите пет години островите примија над еден милион мигранти. Бараат конечно да можат да дишат, да го споделат проблемот со остатокот на Грција. Не може овие острови да го трпат притисокот бидејќи географски, случајно, се блиску до Турција, рече префектот на островите од северниот дел на Егејското море, Костас Муѕурис за грчкото радио „Тема104.6″.

Завчера за време на вонредната седница на регионалниот совет на периферијата во северниот дел од Егејското море, беше донесена резолуција во неколку точки меѓу кои и прекинување на дијалогот со претставници на владата, како реакција на донесените одлуки за изградба на затворени центри за бегалци и мигранти на пет острови,

Реакциите на локалните власти, доаѓаат по соопштението на портпаролот на грчката влада дека Министерството за миграција и азил на Грција „поради јавниот интерес, е овластено да издаде наредби” за искористување на простори за изградба на затворените контролирани центри за бегалци и мигранти.

Во изгласаната резолуција, бараат осуда на праксата на наредби; велат дека прекинуваат секаков дијалог со претставници на владата сѐ додека не се повлече одлуката за наредби; бараат растеретување на островите и префрлање на бегалците и мигрантите во други делови на Грција; бараат да се одржи лидерска средба под претседателот на државата, исто така да се одржи расправа во Парламентот, но и да се информира ЕП и со сите средства, да се преземат правни дејствија против одлуката на владата. Исто така, истакнуваат дека не треба да се изгради никаков нов центар на островите, а да се затворат постоечките.

Токму ова е и една од главните точки на несогласување меѓу владата и локалните власти, односно изградбата на затворените контролирани центри за бегалци и мигранти.

Според официјалните податоци од грчката влада, заклучно со 11 февруари 2020 година, на островите во североисточниот дел од Егејското море, сместени се 42 102 бегалци и мигранти.

Најголемиот број, односно 21 771 лица се на Лезбос, од кои 19 500 се во кампот Мориа, што има капацитет да прими 2840 бегалци и мигранти.

Треба да знаете
Последни објави