Search

Протестот во Клинички во мирување до средбата со Заев, кој вели некои лекари земаат и по 2.500 евра плата

Вработените во Клинички центар „Мајка Тереза“ денеска ги прекинаа протестите кои ги почнаа во понеделникот поради зголемување на цената на паркингот во кругот на центарот. Протестот почна со барање за враќање на цената за паркирање, а продолжи со барање за покачување на платите.

Премиерот Зоран заев денеска рече дека за десет дена ќе се сретне со лекарите на која ќе разговараат за тековните проблеми, а од Клинички бараат да не биде селективно зголемувањето на платите на здравствените работници.

Заев, пак, тврди дека е задоволен од тоа што Владата го направила досега во однос на покачувањето на платите.

– Во делот на балансирањето на платите во здравството, прво сум среќен што успеавме да смогнеме сили да изнајдеме средства, покрај ланското покачување од септември на пет проценти на платите во здравството, оваа година да ја почнеме со нови десет проценти за покачување на платите на специјалистите и пет проценти на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал. Следува и од септември 2019 година уште по пет проценти, со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите. Тоа е нето плата плус дежурствата кои што ги остваруваат. Иако имаме случаи, каде што, заедно со дежурствата имаме специјалисти од терцијалното здравство во Клиничкиот центар, што зимаат 140.000-150.000 денари приходи. Тоа се 2.500 евра плата, ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле одреден сериозен исчекор. Исто така, заради тоа што нема доволен број на лекари во внатрешноста во општите болници, таму специјалистите имаат, за жал, позачестени дежурства, па така платите и таму заедно со дежурствата стигнуваат некаде до 120.000 денари и верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење го подигнуваме во делот на здравството, рече Заев.

 

 

Треба да знаете
Последни објави