Search

Промоција на публикации за деца на манифестација посветена на обичајот„Мартинки” – наследство на УНЕСКО

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021″ по осми пат ќе биде отворена во петок (26 февруари) во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Капитол мол” во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС”, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс мартинките, како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.

Настанот ќе биде отворен до први март. Покрај музејска постановка со автентични амајлии од повеќе држави, ќе биде збогатен и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и промоција на четири илустрирани читанки за деца за обичајот „Мартинки” на македонски, англиски, албански и турски јазик, како и две боенки за деца на македонски и на англиски јазик.

– Печатените изданија за деца што ќе ги промовираме на традиционалната манифестација посветена на обичајот „Мартинки” се поддржани од Европската комисија и Советот на Европа, во рамките на „Приказните за европското културно наследство 2020″ каде проектот за „Денот на Баба Марта” на „ХАЕМУС” беше избран меѓу десетте најдобри европски приказни, како исклучителен пример преку кој се визуелизира и интерпретира културното наследство – вели Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС”.

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021″ се прави со поддршка од Капитол Мол, Градот Скопје и приватни донатори, под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси. Настанот ќе биде реализиран во мал обем и со соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита во време на пандемија.

Треба да знаете
Последни објави