Search

Промоција на монографија „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми”

Промоција на монографско издание посветено на творештвото на Костадин Танчев – Динка ќе се одржи денеска во објектот Даут пашин амам на Националната галерија.

Изданието насловено „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми” содржи повеќе текстови од истакнати автори за неговото творештво.

Книгата која е издадена на македонски и на англиски јазик од страна на Националната галерија, опфаќа 240 илустрации, отпечатена е во колор на 304 страници, со димензии 240 х 270 мм. На промоцијата ќе говорат проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Кирил Темков, и проф. Лазе Трипков.

Професорот Костадин Танчев – Динка во текот на својот повеќедецениски плоден работен и творечки век остави значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена, и како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика многумина го сметаат за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.

-Водејќи се од значајната улога која Костадин Танчев Динка ја одигра на македонската современа ликовна сцена и неговото значење во контекст на афирмацијата на новите ликовни тендеции во македонската современа ликовна уметност, пред се во делот на ликовниот дизајн и применетата уметност, монографското издание има за цел да направи пресек на неговото ликовно творештво и на овој начин да актуелизира одредени појави и тенденции од историски, проблемски, тематски, стилски, но и тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност, се наведува за изданието.

Костадин Танчев е роден 1940 година во Валандово. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1961 година, а дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград. За време на студиите во текот на 1963-1964 година престојувал на специјализација во Лондон. Уште како студент членувал во Друштвото на УЛУПУс и ИКОГРАДА. Во состав на дипломската работа го реализира првиот анимиран филм на Академијата за применета уметност во Белград.

Од 1973-1975 година престојувал во Париз каде излагал во повеќе галерии. Во 1975 година излагал на изложбата „50-те млади надежни сликари” на Мајскиот салон „Дефанс” во Париз. По враќањето од Париз, од 1975 година, продолжува да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје.

Во периодот од 1978-1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „св. Кирил и Методиј”.

Од 1985 година е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. Учествува во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, особено во издавање на Графичката мапа на професорите на ФЛУ во 1987 година, публикацијата по повод десетгодишниот јубилеј на ФЛУ, студентската мапа од 1986 година и поголем број каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот. 

Треба да знаете
Последни објави