Search

Промовирана Ресурсната платформа за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ

Ресурната платформа за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија е промовирана денеска од страна на Евротинк – Центарот за европски стратегии. Таа е наменета за повеќе групи чинители во државата пред се за граѓаните, кои се најважни во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ, за граѓанските организации, новинарите, како и младите кои треба да бидат двигатели на овој процес.

Иван Стефановски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, рече дека Платформата е овозможена со поддршка на програмата Цивика мобилитас, а во моментов таа е поставена само на македонски јазик, но, посочи во иднина ќе се надгради и ќе биде во најмала рака двојазична, со своја верзија и на албански и на англиски јазик.

– Понатаму фокус во платформата ќе се даде на одредени Поглавја во преговорите, како што се Поглавјаната 23 и 24, како едни од основните  поглавја со кои започнува и завршува процесот на европска интеграција на државата, рече Стефановски.

Стефановски, на прашањето дали очекува земјава да добие датум за преговори во март, рече дека не сака да шпекулира, иако, посочи, најавите се позитивни особено по разјаснувањето на позицијата на францускиот претседател Еманеул Макрон. – Така што доколку добиеме позитивен извештај од ЕК сметам дека во тој случај преговорите ќе започнат уште во март, оцени тој.

Во однос на тоа кои се слабите  точки на земјава во однос на преговори, оцени дека тоа се истите оние четири кои ни беа поставени уште пред година и половина – владеењето на правото и судството како централен дел, реформата на јавната адмнинистрација, заокружувањето на реформата во безбедносниот сектор и случаите на високата корупција.

Стефановски, во поглед на тоа дали изборите би го забавиле реформскиот процес, истакна дека уште од самиот момент на најавување на изборите се забележа едно намалување на темпото на имплементација на потребните реформи, и посочи дека негова проценка е дека тоа ќе биде така во најмала рака до завршување на изборите и формирање на новата Влада.

Франсоа Лафонд, советникот на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во врска со платформата рече дека таа ќе биде еден вид алатка што ќе биде достапна за сите граѓани во државата, зата што процесот на преговори што треба да почне не знам кога точно, но се надевам брзо, ќе биде процес што ќе биде долготраен.

– Ја знаете ситуацијата со оние држави што веќе преговараат, како Србија и Црна Гора, тие преговараа долг временски период, но во исто време граѓаните не се многу вклучени или информирани во поглед на механизмот како државата го презема аки-то но во исто време ова би можело да доведе до некаков вид нетрпение кај сите чинители затоа што не забележуваат дека има некаков ефект врз нивниот живот, рече Лафонд.

Оттаму, смета дека самата платформа може да биде некаков вид инструмент што ќе им овозможи на граѓаните, на чинителите, но и на сите останати што се случува и кои се чекорите кои Владата ги прави заедно со ЕК.

Во поглед на информациите за ЕУ, смета дека самите информации треба да бидат објаснети затоа што, како што рече, не можете да замислите колку е сложено преземањето на аки-то, односно зборуваме за илјаднци правила, регулативи кои се веќе направени од 27-те членки, но сепак сето ова ќе мора да го усогласите и да го хармонизирате со вашето национално законодавство. – На овој начин се надевам дека чекор по чекор ќе го објасниме овој процес на пристапување, додаде Лафонд.

Посочи дека граѓанските организации се еден вид набљудувачи, чувари и треба да посочуваат одредени сигнали доколку нешто не се движи во потребната насока.

Ресурсната платоформата за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ е достапна на следната адреса www.eu.org.mk. Тука се појаснети сите преговарачки поглавја, појаснето е што е Европската Унија и зошто државата треба да се зачлени во неа, придобивките за граѓаните, историјатот на Северна Македонија и ЕУ, база на национални документи, како и база на европски документи.

Треба да знаете
Последни објави