Search

Промовирана првата инвестиција на Бизнис-акцелераторот на УКИМ

– „Елевејт глобал” е првата стартап-компанија поддржана од Бизнис-акцелераторот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (БАУ) кој помага со инвестиции во секоја фаза од развој на идеите, менторство, пристап до нови пазари, развој на продукт, поддршка во технологија.

БАУ ќе и додели две транши на „Елевејт глобал”: иницијална инвестиција во износ од 25.000 евра и последователна инвестиција од 75,000 евра. На тимот на компанијата, БАУ ќе му обезбеди и континуирана дополнителна поддршка во менторство и поддршка при освојување нови пазари. Средствата остварени од инвестицијата на БАУ ќе помогнат на „Елевејт глобал” во нивното тековно работење, маркетинг и развој на бизнисот.

Основна дејност компанијата е примена на вештачката интелигенција, а идејата што ја развива е автоматизирана платформа за процесирање на подотоците во енергетската индустrија.

Директорот на „Елевејт глобал” Ѓорѓи Маџаров на онлајн-презентацијата го сподели искуството од создавањето успешна приказна, зборувајќи за почетокот на  идејата која, рече била препозната и на глобални и на регионални настани. Реализацијата почнала во 2018 и во исто време обезбедување средства  за нивните вработени. Денес ја имаат првата официјална верзија од нивниот софтвер, во комуникација се со три светски компании и очекува да се склучат првите договори за нивното решение.

Маџаров ја истакна поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) што ја добиле за стартап-компании која, рече, им помогнала како да го имплементираат решението и да го понудат на пазарот, а за поддршката од БАУ истакна дека е значајна особено за младите за да размислуваат и да направат добри бизнис-идеи и да освојуваат нови пазари.

– Оваа инвестиција нам многу ни значи.Се надевам дека во наредниот ериод ќе успееме да ја оправдаме довербата. Очекуваме дека по овој чекор ќе може да одиме веќе на следна рунда инвестиции. Се надевам дека тоа ќе биде во некој фонд надвор од нашата земја каде што ќе можеме да правиме партнерство со големи компании кои ќе го препознаат нашето решение како решение што ќе им носи одредена вредност и, се разбира, ќе бидат среќни да го унапредуват бидејќи е направено согласно со сите најнови технологии и решенија кои во моментов се во истражувачка и апликабилна фаза во светот, рече Маџаров кој е и проферор на ФИНКИ.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на промоцијата рече дека се работи за нова ера на што е фокусирана Владата и дека за вакви старт-ап и спин-оф компании одлучиле преку ФИТР да стимулираат формирање и поддршка на три акцелератори чија главна цел е да обезбедат финансиски срдства, но и експертска помош за завршување на проектите на иновативните компании.

Покрај БАУ на УКИМ, со поддршка на ФИТР, рече тој,  се формирани и акцелераторот на Сивус-Едукативен развоен центар и Икс-фактор бизнис-акцелератор од Велес. Соопшти дека вкупните проекти на трите акцелератори во три години изнесуваат околу два милиона евра, од кои 72,5 отсто се обезведени од буџетот на ФИТР со поддршка од канцеларијата на Светската банка.

Според Битиќи, микро, малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија и додаде дека во изминатите три години се креирани голем број можности за младите лица, за креативните луѓе, за веќе оформените компании.

-Тука би ги споменал грантовите и кредитите за самовработување преку Агенцијата за вработување, потоа мерките од Фондот за иновации и технолошки развој со кои го издигнавме Фондот на навистина високо ниво, а стана препознатлив за поддршка на микро, мали и средни компании, старт ап и спин оф, рече Битиќи.

Директорот на ФИТР Коста Петров посочи дека инвестирањето во основање и развој на акцелератори е од особено значење, бидејќи преку нив се овозможува техничка поддршка и финансии за млади луѓе кои ги реализираат своите идеи преку стартап-компании, односно брзорастечки бизниси.

-Фондот во соработка со Светска банка досега поддржа три акцелератори со речиси два милиони евра и 305 стартап компании со вкупно кофинансирање од 17,3 милиони евра. Преку инструментите на ФИТР на корисниците им нудиме средства за почетни инвестиции, но и за инвестиции во сите фази на развој на нивните бизниси, истакна Петров.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски рече дека креативноста, квалитетот, знаењето и иновативноста која може да ја понуди УКИМ во соработка со трговските друштва што ги основа се значаен инпут за ефикасноста на Бизнис акцелераторот на Универизтетот.

-Клучно е времето на развој на идејата.  Студентите треба да се ослободат од чувството на неуспех. Автоматизацијата и технологијата заменуваат голем дел од работните места, но само креативните млади умови како нашите студенти можат да ја поттикнат и создадат иновацијата и да создадат нови производи и услуги, рече Јанкуловски.

Го спомна и ИНОФЕИТ – трговско друштво за трансфер на технологии формирано од УКИМ пред Акцелераторот,  кое успешно работи во изминатите години и е место за развој и инкубирање  иновации и нивно етаблирање во мали спин-оф компании чија цел е да се зајакнат и пазарно да се позиционираат.

На промоцијата беше соопштено дека сите кои имаат идеја може да се пријават на отворениот повик за апликации за поддршка на Акцелераторот УКИМ на линкот: http://accelerator.ukim.mk/apply/.

Треба да знаете
Последни објави