Search

Промовирана антологијата „Десет унгарски поети“, во рамките на Литературна манифестација „Илинден“

Во рамките на 20-та литературна манифестација „Илинден 2019“, во Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден, беше промовирана антологијата „Десет унгарски поети“ во избор и препев на Паскал Гилевски.

Промотивна реч за ова значајно дело во кое се сместени најзначајните унгарски поети, одржаа унгарскиот амбасадор во нашата земја Ласло Дукс и нашиот истакнат писател Блаже Миневски.

„Поезијата зазема високо место во нашата култура. Овие десет поети што за оваа збирка ги одбра Паскал Гилевски, всушност на најдобар начин ги отсликуваат состојбите во Унгарија во 20 век и нивните животи длабоко се испреплетени со историјата на земјата во овој период. Преку нивното творештво унгарската поезија и книжевност израснаа во едни од позначајните во светски рамки“, истакна амбасадорот, Ласло Дукс.

Писателот Блаже Миневски во промовирањето на оваа збирка истакна дека и покрај малиот обем, со овој стегнат пресек на унгарската поезија дури ни оној што не прочитал ни една книга од застапените автори ќе добие увид во развојот, во боите и звуците на унгарската поезија.

„За ова во голема мера треба да му се честита на издавачот и на авторот на препевот Паскал Гилевски, кој не само што ја превел, туку и живеел со оваа поезија, мешајќи го во своите соништа она што го слуша со она што го сонува, и обратно. Книгата е доказ дека сонот станал јаве и дека поезијата од унгарските низини звучи исто така моќно и од македонските ридишта и котлини“, истакна Миневски.

Стихови од збирката читаше Паскал Гилевски, а за комплетно уживање на присутните на овој настан со музички настап се погрижи флејтистката од Унгарија, Жужана Ѓурина Дуксне.

Треба да знаете
Последни објави