Search

Проекција на документарниот филм „Граѓанин Европа”

Документарниот филм „Граѓанин Европа” во режија на Ангелики Аристомонопулу и Андреас Апостолидис ќе биде прикажан денеска на Филолошкиот факултет, информираат од Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс”.

Филмот раскажува пет приказни на учесници во програмата „Еразмус”, кои работат, учат и волонтираат низ Европа. Младите протагонисти за прв пат ги напуштаат своите домови за да си докажат дека можат да преживеат во непозната средина. Млади од Франција, Германија, Полска, Бугарија и Етиопија патуваат за Литванија, Финска, Грција и Ирска и мораат да се адаптираат на различни култури и менталитет.

Филмот прави споредба на искуството на денешните млади учесници во програмата „Еразмус” со првите учесници од 1987 година. Преку стари фотографии и аматерски видеа тие се сеќаваат на Европа каква била и како тоа искуство влијаело на нив. Филмот најмногу им се обраќа на студентите и на младите и им ги претставува европските образовни програми, можностите за студентска размена и стекнување на работно искуство во Европа преку програмата „Еразмус”.

По проекцијата, како што наведуваат од Здружението „МакеДокс”, ќе се одржи панел-дискусија со студентите и со претставници на Националната агенција за европски образовни програми и на Делегацијата на Европската Унија. Дискусијата ќе се одвива на англиски јазик и ќе ја модерира Тања Кригер, директорка на Гете-институтот во Скопје.

Настанот е бесплатен и отворен за сите поранешни и идни корисници на програмата „Еразмус” и се реализира со поддршка на Moving Docs и Гете Институт – Скопје, се наведува во соопштението од „МакеДокс”.

Треба да знаете
Последни објави