Search

Продолжува судењето на неамнестираните за „27 април”

Продолжува судењето на неамнестираните за „27 април”

Најголемиот судски предмет за „крвавиот четврток” во Собранието на Република Македонија продолжува денеска против 18 од првично 33 обвинети, откако согласно Законот за амнестија донесен во декември минатата година помилувани беа 15-мина обвинети.

Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и треба да продолжи со изнесување на завршни зборови. На обвинителна клупа остануваат петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија” Игор Дурловски, Јане Ченто и  Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.

Судот ги одби барањата за амнетсија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Случајот „27 април” почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.

По исказот пред судот на Стефан Младеновски, кој кажа дека за упад во Собранието кога СДСМ ќе формира Влада дознал во февруари  2017 година од Александар Василевски Нинџа, на средба на која имало и луѓе од МВР и УБК, на 4 декември на барање на Јавното обвинителство беше приведен во притвор поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.

Со 95 гласа „за”, без против и воздражни, Собранието на 18 декември го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година, согласно кој амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Досега амнестија добија 15 лица за случајот „27 април”, како и пет лица опфатени со други предмети. За сите останати барања се уште тече рокот за одлучување.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија” Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.

Треба да знаете
Последни објави