Search

Продолжуваат разговорите за законот за ЈО, договорот неизвесен

Засега нема изгледи дека владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ би можеле деновиве да постигнат договор за новиот предлог за законот за јавно обвинителство. За утре се најавува средба помеѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и разговори за тоа како да се продолжи со дијалогот.

Од опозициската партија ја потврдуваат средбата, но нагласуваат дека тоа не значи дека ќе има договор со власта за законот. Упатуваат на изјавата на лидерот на партијата Христијан Мицкоски од неделата во која тој вели дека „она што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција”. Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека низ разговори би можело да дојде до приближување на ставовите, но доколку има отстапки од владејачката партија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, денеска на прес-конференција кажа дека се работи за структурен системски закон што се носи со двотретинско мнозинство, и како што рече, „во време и амбиент кога предметите од СЈО се осигурани, тие се во судски процес под надлежност на републичкиот јавен обвинител и тоа создава обврска на сите политички чинители да продолжaт да разговараат и да го изнајдат решението кое е најдобро за граѓаните и секако во функција на укажувањето на Венецијанската комисија, Европската делегација и Европската комисија. Заев потврди дека ќе разговара со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство и изрази уверување дека може да се донесе ова законско решение.

Во однос на забелешките на Мицкоски и до каде СДСМ е подготвен да направи компромис, Заев рече оти очекува тие да гласаат и да го поддржат законот.

– Ние сме подготвени да одиме се дотаму додека тоа е дозволено согласно нашиот правосуден систем и рамката што ја носи Европската Унија, а тоа значи политичарите да не бираат обвинители, тоа значи дека не смееме да дозволиме одредени критериуми заради желба на политички партии дали се од власта или од опозиција да ги надминат црвените линии дозволени со европската регулатива. Тие законски решенија се дел од пакетот судски реформи, но и се дел на она што значи адаптирање на Северна Македонија со европската легислатива во областа правосудство, истакна Заев.

Актуелизирањето на прашањето за законот за ЈО следува по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе новиот закон за ЈО, што било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.

Треба да знаете
Последни објави