Search

Продолжуваат протестите во Албанија против премиерот Рама

Илјадници демонстранти излегоа на улиците во главниот град на Албанија во саботата за да го искажат својот бес кон премиерот Еди Рама, а некои од нив дури и фрлаа нафтени бомби кон неговата канцеларија.

Во изминативе три месеци низ целата земја избувнаа протести, повикувајќи го Рама да се повлече од функцијата поради неговата наводна вмешаност во корупција и изборна измама. Демонстрантите повикаа на предвремени избори откако нивните пратеници ги прекинаа врските со парламентот.

Лидерот на опозицијата, Лулзим Баша, ги повика своите поддржувачи да протестираат додека Рама не се откаже од власта. Баша рече дека тие се решени да продолжат со својата битка сé додека владата го попречува патот на Албанија кон Европа.

Во саботата протестите станаа насилни откако некои од демонстранти, дел од кои носеа маски, почнаа да фрлаат нафтени бомби и петарди кон влезот на владината зграда. Некои, исто така, фрлаа со боја кон истата.

Во протестите беа повредени и полицајци и демонстранти.

Демонстрантите, исто така, фрлаа нафтени бомби и кон зградата на парламентот, каде што полицијата одговори со солзавец.

„Ние сме тука со мисија, да ја ослободиме Албанија од криминал и корупција, да ја направиме Албанија како остатокот од Европа“, изјави Баша за јавноста.

Неколку часа подоцна, толпата се упати кон полициската станица во Тирана, во знак на протест поради апсењето на претставник на Демократската партија.

Европската унија и САД ја повикаа опозицијата да се врати во парламентот и да учествува на локалните избори на 30-ти јуни.

„Определената цел на опозицијата да ја зајакне албанската демократија е спротивна на насилството што владее во моментот“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД, во кое се осудува насилството и се повикува на воздржаност.

Треба да знаете
Последни објави