Search

Продолжен рокот за субвенции во земјоделството до 30 јуни

Рокот за поднесување барања за субвенции се продолжува за еден месец односно наместо до 31 мај, апликациите ќе може да се поднесуваат до 30 јуни.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска соопштија дека продолжувањето на рокот е по барање на земјоделците со цел да им се овозможи да го искористат правото за поднесување на барања за финансиска поддршка за мерките од годинашната Програма за директни плаќања.

Земјоделците ќе можат да ги поднесуваат барањата по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, односно за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади, како и за сточарско производство поточно за одгледување говеда, овци, кози, пчели, свињи и за заклани животни во кланица.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, а оние баратели кои имаат потреба од помош при пополнување на електронското барање, ќе може да се обратат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба на 15- ти март 2019 година. Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето, појаснуваат од АФПЗРР.

Одгледувачите на добиток пред поднесување на барањето задолжително треба да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор, како и да ја ажурираат состојбата во Агенцијата за храна и ветерина.

Сите корисници на оваа финансика поддршка по аплицирањето и добивањето на отпечатениот примерок треба да ги проверат податоците и доколку има одредени отстапувања, да ги извршат потребните корекции во рок од 30 дена од денот на аплицирањето.

Треба да знаете
Последни објави