Search

Продолжен притворот за Емил Јакимовски, пресуда на 6 март

Нови 30 дена притвор му биле определени на Емил Јакимовски, поранешниот вработен во Централниот регистар и член на ВМРО-ДПМНЕ, обвинет за загрозување на сигурноста на својата поранешна сопруга и на новинарката Мери Јордановска.

Јакимовски беше пријавуван и дека им се заканувал на новинарката од ТВ „Алфа“, Искра Коровешовска, на директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, но и на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Јакимовски беше уапсен на 17 јануари по пријавите на двете новинарки дека на социјалните мрежи и преку телекомуникациската мрежа „Телеграм“ им упатувал навреди и закани, но и по пријавата на неговата поранешна сопруга. Тој е веќе осуден за семејно насилство со условна казна затвор.

Денеска се одржа ново рочиште во кривичниот предмет, на кое исказ даваа неговата поранешна сопруга и новинарката Мери Јордановска.

Поради изнесување приватни околности, јавноста и на ова, како и на претходните рочишта, беше исклучена со решение на судечкиот судија Џенете Бектовиќ.

Завршните зборови и изрекувањето на пресудата за Емил Јакимовски ќе се бидат на 6 март 2020 година во Основниот кривичен суд во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави