Search

Продолжен мораториумот за градби на територија на Општина Центaр

Советот на Општина Центар на вчерашната 21-ва седница одлучи да го продолжи мораториумот за градби на територија на општината, односно повторно ја донесе одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови.

Мораториумот за градби за прв пат беше донесен на 27-ми декември минатата година и продолжувањето е со важност до 30-ти април 2019-та. Со мораториумот, 31 ДУП се враќаат на повторна доработка, а истовремено се забранува издавање на одобренија за градби на територија на општината, со што идејата на општината е да воведе ред во урбанистичкото планирање, но и да придонесе кон намалување на загадувањето на околината и атмосферскиот воздух.

Покрај мораториумот, на седницата советниците ги изгласаа и донесоа и останатите точки од Дневниот ред, меѓу кои и целосниот проект за изградба на фекална и атмосферска канализација на улицата “Петричка“ во Маџир Маало, одлуки за работата на ЈП “Паркинзи на Општина Центар“, измени во буџетскиот календар за работа на општината во 2018-та година и други.

Пред седницата дневниот ред претрпе измени со што одредени точки беа повлечени, но беа додадени и нови. На предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додадена беше и точката за поддршка на семејствата на бранителите – учесници во конфликтот од 2001-ва година. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во консултација со советниците, материјалот го даде на понатамошна обработка и точката за поддршка на бранителите ќе се најде на дневен ред на некоја од идните седници.

21-вата седница во интерес на времето беше прекината, а истата ќе продолжи во понеделник со 15-тата и последната точка од Дневниот ред за работа на Советот, односно Советничките прашања.

Треба да знаете
Последни објави