Search

Прогнозите за пикот на вирусот засега остануваат исти, се изработува детална анализа

– Засега прогнозите на надлежните остануваат дека пикот на вирусот ќе биде кон крајот на април и оти бројката на заболени ќе достигне до околу 2.000 лица. Сепак, министерот за здравство Венко Филипче најавува детална анализа за очекувањата и за временскиот интервал кога што би можело да се очекува.

Анализата, како што посочи Филипче, би била готова во текот на викендов или на почетокот на следната недела.

– Планираме детална анализа која сакаме да ја споделиме со јавноста во текот на викендот или на почетокот на следната недела. Би биле присутни и експерти од областа на епидемиологијата, а ќе се однесува на очекувањата и временскиот интервал кога што би можеле да очекуваме. Начелно, сегашните анализи и податоци укажуваат дека остануваме на истата прогноза, нагласи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали остануваат на прогнозата на 2.000 заболени и пик кон крајот на април.

Во Велес каде веќе се потврдени три случаи, Филипче најави зајакнување на епидемолошката служба со еден или двајца епидемиолози кои ќе бидат испратени во текот на утрешниот ден, а следната недела и мобилна екипа.

За оние од овој град кои биле во контакт со заразените, Филипче апелира да останат дома и да не ги контактираат со останатите.

–  За сите важи генералниот апел за домашна самоизолација, посебно за луѓе кои знаеле дека биле во контакт. За нив е отворен и кол центарот. Најважно е да останат дома дури и да имаат најмал сомнеж во однос на тоа дека контактирале со пациенти кои сега се дијагностицирани. Врз основа на првичните податоци, ќе се направи увид кај колкав број од овие луѓе, имајќи го предвид времето на контактот, дали ќе биде индициран тест или ќе се чекаат 14 дена, рече Филипче.

Треба да знаете
Последни објави