Search

Пристапот до правда не е само основно човеково право, туку суштествен предуслов за заштита и унапредување на сите останати права

Пристапот до правда не е само основно човеково право, тој е истовремено и суштествен предуслов за заштита и унапредување на сите останати граѓански, културни, економски, политички и социјални права. Токму затоа, во темелите на постоењето на Хелсиншкиот комитет за човекови права е обезбедувањето бесплатна правна помош на ранливи и маргинализирани групи и граѓани во социјален ризик.

Ова го наведува денеска Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод Европскиот ден на правдата, кој се одбележува на 25 октомври.

-Хелсиншкиот комитет дејствува во насока на правно зајакнување и правна поддршка на граѓаните уште од неговото основање во 1994 година. Сепак, обврската за ефикасен и ефективен пристап до правда примарно се наоѓа кај државата. Република Северна Македонија има обврска да им обезбеди на сите граѓани непречен и еднаков пристап до соодветни, независни и непристрасни судски и вонсудски механизми, се нагласува во соопштението.

Имајќи предвид дека според последните податоци од 2018 година, стапката на сиромашни лица во земјава изнесувала 21,9 отсто, односно дека секое петто лице живее во услови под прагот на сиромаштијата, нагласува Хелсиншки, обезбедувањето пристап до правда за сиромашните останува главен предизвик за нашето општество.

-Тоа особено се однесува на  воспоставувањето на инклузивен правосуден систем, кој ја зема предвид нерамнотежата меѓу приходите и моќта, што значи,  функционални судски и вонсудски механизми и закони, кои ќе одразуваат сечии интереси и потреби, а пред сѐ на граѓаните во социјален ризик, нагласува Хелсиншки.

Додава дека државата има обврска да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди дека на лицата кои живеат во сиромаштија не им е ограничено уживањето на нивните права, како резултат на непремостливи пречки во системскиот пристап до правда.

-Во таа линија, подобрениот текст на Законот за бесплатна правна помош од 2019 година вклучува поширок опсег на граѓани, кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош. Затоа Комитетот ќе продолжи континуирано да го мониторира процесот на примената на новиот Закон и на системот за бесплатна правна помош во целина, се истакнува во соопштението.

Хелсиншпки се осврнува и на важноста од пристапот до правда во време на пандемија. За целото времетраење на пандемијата со коронавирусот, Хелсиншкиот комитет, како што наведува, овозможува непречено одвивање на оваа услуга за граѓаните преку телефон и електронска пошта, оставајќи можност и за директни средби во итни случаи.

Од почетокот на кризата,  околу 500 граѓани добиле правна помош од Хелсиншкиот комитет за прашања од областа на работни односи и пристап до вработување, семејно и родово базирано насилство, семејни односи, социјална заштита, дискриминација и говор на омраза и дела од омраза.

Комитетот објави и посебен извештај за состојбата со човековите права од почетокот на кризата, врз основа на податоците од секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.

 Пандемијата и рестриктивните мерки, се додава во соопштението, неминовно довеле до ограничување на правата и сериозни економски последици, но и до зголемена опасност во дигиталниот свет. Токму затоа Агенцијата за фундаментални права по повод Европскиот ден на правдата ги повика ЕУ и земјите-членки да ја зајакнат заштитата на жртвите преку интернет.

-Соочени со Ковид-19, луѓето сè повеќе го поминуваат своето време во дигиталниот свет. Kако и во реалниот свет и тука се закануваат опасности. Многумина стануваат жртви на измамници и на говор на омраза онлајн. Говорот на омраза преку интернет е сè поголем проблем, како што постојано покажуваат истражувањата на Агенцијата. Честопати се случува жртвите да наидат на расистичка, сексистичка и хомофобична содржина, а од друга страна сторителите да ја споделуваат својата омраза неказнето, нагласува Хелсиншки

Покрај говорот на омраза, Агенцијата ги поткрепува своите барања до ЕУ членките со податоците дека една од пет жени биле жртви на вознемирување на интернет, еден од двајца Европејци се загрижени поради злоупотреба на нивните податоци, a многу деца се исто така жртви на малтретирање во дигиталната сфера.

-Заклучокот на Агенцијата за фундаментални права е дека „бидејќи луѓето сè повеќе го живеат својот живот на Интернет, пристапот до правдата треба да држи чекор, за да им понуди на жртвите иста заштита како што очекуваат офлајн. Во тој аспект, на одбележувањето на европскиот ден на правдата, апелираме за воспоставување и зајакнување на механизмите за заштита на човековите права онлајн, се наведува во соопштението на Хелсиншки комитет.

Треба да знаете
Последни објави