Search

Прилеп го формираше Советот за превенција, има можност полициската станица да прерасе во СВР Прилеп

 Локалниот совет за превенција на општина Прилеп денеска го одржа првиот состанок, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. По разгледувањето на севкупната состојба во градот на основа на податоците добиени од Полициската станица од општа надлежност – Прилеп, состанокот со кој претседаваше градоначалникот Илија Јованоски, беше заклучено дека безбедносната состојба во Прилеп е стабилна.

Јованоски истакна дека на првата седница на Локалниот совет за превенција се дискутирало за безбедносната состојба во градот, пред сѐ поради настаните кои се случија во градот во последните десетина дена, односно со двете фрлени рачни бомби. Имајќи ја предвид важноста на ова прашање, на состанокот беа поканети сите членови на Советот на општина Прилеп, но советниците на опозицијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не присуствуваа.

Според Јованоски, Советот кој брои пет постојани и 10 придружни членови требаше да ги обедини сите. Сепак се преземени превентивните мерки.

-За жал, советниците од опозицијата не дојдоа, иако денеска беше прилика присуството на министерот Спасовски да го искористиме да ни одговори на некои прашања кои нѐ мачат. Опозицијата излегува на прес-конференции, а сега беше вистинското време на институционален начин пред министерот, при Локалниот совет за превенција, да прашаат како да најдеме начин да се справиме со сето ова што се случува во нашиот град. На наше задоволство, министерот Спасовски рече дека во постапка е Полициската станица од општа надлежност во Прилеп, да прерасне во Сектор за внатрешни работи. Драго ми е што министерот и Владата размислуваат за тоа, бидејќи со сиот потенцијал и капацитет, Прилеп заслужува и треба да има Сектор за внатрешни работи, изјави Јованоски.

 Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека врз основа на претходната средба одржана во Полициската станица и добиените информации, безбедносната состојба во градот и мирна и стабилна, дека нема елементи на нејзино нарушување, што значи дека граѓаните на Прилеп може да бидат спокојни.

 -Ние многу брзо ќе излеземе со информации, се преземаат низа активности кои ќе ги дадат очекуваните резултати, како и поврзаноста на овие случувања со некои други случувања, со некои групации и слично. Тоа е најважно. Ние како тим, заедно со полициската станица и Јавното обвинителство работиме заедно, преземаме мерки и овие настани ќе се расчистат до крај. Меѓутоа, таква борба против криминалот и корупцијата мора да продолжи и во иднина, да биде интензивна и неселективна. Имаме големо подобрување во делот на активностите на полето на намалување на криминалитетот и зголемување на откривачката дејност, споредбено во однос на трите последни години. Таква тенденција имаме и сега, но тоа треба да ни биде само мотив и во иднина да работиме уште повеќе, за да вакви или слични инциденти се сведат на најниско можно ниво. Апелирам до граѓаните да имаат соработка со полицијата и да ги пријавуваат настаните, да соработуваат со полициските службеници, бидејќи без добра и искрена соработка со службениците кои работат на одреден настан, тогаш или изостанува или доцни ефикасната реализација на тој настан, рече Спасовски.

 Според Спасовски, од исклучителна важност во справувањето со криминалот и корупцијата е соработката со граѓаните, пријавувањето на заканите од нивна страна, бидејќи никој не смее да биде над законот и над државата, зашто државаат е задолжена да се грижи за безбедноста и мирот. Затоа, како што истакна Спасовски, во функција на превенирање и откривање на настаните какви што се случија во Прилеп, се издадени сериозни насоки за понатамошно заедничко дејствување на општината и на Полициската станица.

Главната цел на Локалниот совет за превенција, е градење доверба и подобрување на партнерството помеѓу институциите, локалната самоуправа и граѓаните. Тој претставува форма за градење на безбедна средина за живеење на локално ниво, преку препознавање на локалните проблеми и градење на локални стратегии за решавање на проблемите со адекватно вклучување на сите надлежни субјекти.

 Постојани членови на Локалниот совет за превенција се:  градоначалникот на Прилеп, кој заседава со седниците на Советот за превенција, претседателот на Советот на општина Прилеп, командирот на Полициската станица, раководителот на организациската единица за криминалистички работи, секретарот на општина Прилеп, кој е воедно и секретар на Советот за превенција и ќе води записници од сите седници.

Придружни членови на Локалниот совет за превенција, односно членови кои ќе присуствуваат на седниците врз база на темата и проблемот што се разгледува, се: раководителите за безбедност и сообраќај при полициската станица Прилеп, претставник од Дирекцијата за заштита и безбедност, раководителот на Протипожарната единица, претставници од Јавното обвинителство и Основниот суд, претставник од образовните институции во Општината, раководителот на Подрачната канцеларија за земјоделство, претседатели на урбани и на месни заедници во Општината, невладини организации кои работат на различни проблематики како и други субјекти кои се релевантни за проблемот што се третира.

Треба да знаете
Последни објави