Search

Прилепчанецот Марко Ристески го фати светиот крст за Богојавление-Водици

Четиринаесетгодишниот Марко Ристески, ученик во Основното училиште „Блаже Конески” е најсреќниот меѓу верниците, кој го фати светиот крст од осветените води на базенот во дворот на прилепската црква „Свето Благовештение”. Учествуваа 19 момчиња и една девојка од 10 до 16-годишна возраст.

Марко Ристески вторпат учествуваше и вторпат, едноподруго, го фаќа светиот крст.

– Вторпат учествувам и вторпат го фаќам светиот крст. Се чувствувам многу возбудено и сакам постојано да учествувам на Водици и ако имам среќа да го фаќам крстот. На сите им посакувам здравје и среќа. Ова е прекрасна традиција, рече Ристески.

Прилепскиот градоначалник смета дека традицијата за Богојавление-Водици го сплотува народот.

– Го пренесуваме духот на традицијата, на она кога Исус Христос бил крстен во светите води на Јордан. Се надевам дека ова го зближува народот и ќе ни донесе повеќе радост во оваа година, порача прилепскиот градоначалник Борче Ристески.

Среќниот Марко Ристески доби подароци од црквата, од локалната самоуправа и од спонзорот „Зегин” кој му додели ваучер во вредност од 12.000 денари. Исто така доби и телевизор.

Треба да знаете
Последни објави