Search

Прилепските занаетчии трпат огромни штети поради пандемијата, бараат пристап до кредитни линии

Над 35 дуќани во прилепската стара чаршија се празни. Пандемијата им направи големи штети на занаетчиите, производителите, бутиците. Бележат намалени приходи за 50 до 90 проценти, покажува истражувањето на Економскиот факултет – Прилеп.

Според професорот Коста Сотироски, статистички, од сите аспекти се анализирале состојбите кај 74 мали и средни претпријатија.

-Од истражувањето се добија низа податоци за влијанието на КОВИД. Пред сѐ, намален број вработени кај анкетираните. Немаше промена на сопственичката структура на дуќаните. Речиси 93 проценти од анкетираните бизниси се изјаснија дека нивниот приход е намален до 90 отсто, односно од 50 до 90 проценти. Огромна е загриженоста за продолжување на бизнисот, објаснува професорот Сотироски.

Иако занаетчиите се жалат, голем процент, дури до 70 отсто, посочува професорот, ги користеле досегашните економски мерки.

-Од една страна има незадоволство од економските мерки, од друга, има значаен процент на корисници на тие мерки. Во зависност од мерките, искористени се од 40 – 70 отсто. Ковид-кризата различно влијае според дејноста. Најпогодени се производствените, занаетчиските бизниси и оние, современи бутици, констатира Сотироски.

Кире Трпчески, претседател на Занаетчиската комора од Прилеп, вели дека досега немало ваков пад на дејностите. Се пријавиле и за четвртиот сет мерки. Занаетчиите бараат да се издвојат како посебна гранка за да може да користат кредитни линии, зашто имаат поинакво сметководство и не може апликациите соодветно да ги пополнат.

-Ковид-кризата редизвика долгорочни промени на начинот на функционирање на сите мали и микро претпријатија. Се појавија проблеми од сите аспекти: од намалена побарувачка, од отежнат начин на набавување на одредени материјали и репроматеријали, суровини, посебно за оние кои се занимаваат со производствени дејности. Во третиот сет владини економски мерки речиси сите занаетчии бевме опфатени со нето-плата, освен одредени компании кои имаа проблеми поради стари долгови. Голем број од занаетчиите ја искористија оваа мерка. Благодарение на тоа, на еден краток рок, ги премостивме оние директни последици. Но, сведоци сме дека во Старата чаршија има околу 35 празни дуќани што е алармантно. Досега тоа го немало, истакнува Трпчески.

Ако некој дуќан во Старата чаршија се празнел, се знаел новиот сопственик или кираџија.

-Сега е поинаку. И во овој четврт сет мерки, како занаетчиска комора побаравме да добиеме од Владата помош, зашто и во одредени кредитни линии што ги даваше Владата за премостување на овие кризни моменти, ние не можевме да се појавиме како апликанти за кредитната линија која одеше преку Меѓународната  банка за обнова и развој бидејќи во апликацијата имаше ставки кои не можевме да ги исполниме, зашто водиме едноставно книговодство. Поради тоа, ние баравме Владата да го издвои занаетчискиот сектор од овој систем, или, преку посебна апликација за занаетчиите да ги направи достапни овие кредити, или пак да одиме со директна помош за занаетчиството. Посебно за занаети кои се водат во изумирање и занаети кои се водат за рестартирање, што е многу тешко. Ние побаравме да учествуваме во овој четврт сет на мерки и се надевам дека нема да бидеме исклучени како што не бевме и првиот пат и голем дел занаетчии искористија средства, дополнува Трпчески.

Треба да знаете
Последни објави