Search

Прилепскиот економски факултет одбележа 60 години постоење

Прилепскиот економски факултет денеска, со сите мерки за заштита одбележа 60 години од постоењето на оваа високообразовна институција. Од виша,  висока економска школа, па до факултет, Економскиот прерасна во првата членка на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски” со значајни постигнувања во економската наука и продуцирањето кадри за стопанството.

Според Драгица Оџаклиеска, декан на Економскиот факултет-Прилеп,  досега, Факултетот дал 7.385 диплонирани студенти,  магистрирале 448, а со звање доктори на економски науки се стекнаа 87 студенти. Сега најбитна е поврзаноста со стопанството.

-Факултетот има изградено цврсти партнерски односи и соработка со бизнис-заедницата што генерира позитивен синергетски ефект во доменот  на трансферот на теоретските знаења во практиката и емпириските знаења во истражувачките активности и во едукацијата на студентите.  Ваквата сработка со стопанството се реализира преку повеќе форми што опфаќаат: понуда на консултантски и експертски услуги на деловните субјекти, реализација на заеднички научно-истражувачки проекти, организирање практична настава на студентите, организирање на стручни предавања од стопанството, изјави Оџаклиеска.

Ректорот на Битолскиот универзитет Сашо Коруновски вели дека ова се зрели години на најстарата членка на Универзитетот.

-Економскиот факултет останува генератор на знаења, несебично давајќи и збогатувајќи ја научната економска мисла преку интензивната образовна и истражувачка работа, но и, битното, преку градењето партнерство со бизнис-секторот, рече Коруновски.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, Факултетот  е генератор на знаења, а стопанството да ги искористи преку студентите.

-Прилеп е горд на достигнувањата на Економскиот факултет кој е познат и признат во земјава и надвор од неа. Порано беа голем број студенти, но погрешните политики ги почувствува и Факултетот. Се надевам дека наскоро ќе ги имаме во голем број високостручните кадри кои дале за градот, за стопанството, така ќе биде повторно. На бизнис -заедницата и порачувам што повеќе да ги користи знаењата на студентите, идните економисти, порача Јованоски.

Треба да знаете
Последни објави