Search

Прибе во контрола на текот на судските реформи во Македонија

Германскиот дипломат Рајнхард Прибе во текот на изминатите три дена престојуваше во Скопје, на чело на групата високи експерти по владеење на право кои ја оценуваа состојбата со владеењето на правото во Македонија во 2015 и 2017 година.

Целта на оваа посета, според канцеларијата на ЕУ во Скопје, беше да се направи увид во спроведувањето на препораките што ги даде групата во однос на судските реформи.

Прибе имаше средби со чинители во сферата на правосудството и владини претставници за да го оцени постигнатиот напредок и да ги посоветува властите како да остварат видливи резултати.

Прибе, меѓудругото, потсети на потребата следниот пакет измени на Законот за судови и на Законот за судски совет целосно да ги содржат веќе издадените и претстојните препораки од Венецијанската комисија и експертите од ЕУ. Прибе уште еднаш ја нагласи потребата да се обнови довербата во судските институции, особено преку конкретни мерки за зголемување на транспарентноста и за промена во однесувањето. Воедно, инспекциите на Системот за електронско распределување на судските предмети (АКМИС) треба да дадат конкретни резултати преку истраги од страна на Јавното обвинителство и проверка од страна на Судскиот совет. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да работат на препораките од групата високи експерти по владеење на право, особено оние кои се однесуваат на штитење на независноста на судството и на осигурување на неговата отчетност. Прибе ја нагласи и потребата да се спроведат препораките од оценската мисија за обуките во Академијата за судии и јавни обвинители, се навдува во соопштението на Канцеларијата на ЕУво Македонија.

Посетата на Прибе е дополнување на помошта што ЕУ ја обезбедува за тековните реформи во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, заедно со експерти од ЕУ што им помагаат на овие тела. Тој ќе ја извести Европската комисија во контекст на подготовките на следниот редовен извештај за земјата, што ќе биде објавен следната пролет, се наведува во сооппштението.

Треба да знаете
Последни објави