Search

Пречистителна станица за вода во Карбинци проект од витално значење

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски присуствуваа на поставување на камен темелник на пречистителна станица за вода за пиење.

Во изјавата за медиумите по тој повод, премиерот Спасовски истакна дека овој проект е од витално значење, бидејќи со приклучување на Општина Карбинци со хидросистемот Злетовица, трајно ќе се обезбеди решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, особено во летниот период.

„Кога ќе биде готова пречистителната станица, ќе се означи крајот на еден долг период на снабдување на населението со вода за пиење преку локални бунари, и жителите на оваа општина ќе имаат редовно квалитетна и чиста вода за пиење. Изградбата на оваа пречистителна станица ќе овозможи водоснабдување на повеќе населени места од овој регион”, подвлече претседателот на Владата Спасовски.

Тој истакна дека средствата за реализација на проектот пречистителна станица Карбинци, во вкупен износ од 105,3 милиони денари, се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Со оваа филтер станица, како и со изградбата на филтер станиците за Општината Штип и за Општина Лозово, ќе се заокружи првата фаза од повеќенаменскиот систем Злетовица, проектиран за снабдување со вода за пиење на 150.000 жители од Штип, Свети Николе, Пробиштип, Карбинци и Лозово”, потенцираше премиерот Спасовски.

Воедно тој посочи дека во тек е и подготовката на втора и трета фаза од хидросистемот Злетовица. Втората фаза опфаќа изградба на систем за наводнување на околу 4.000 хектари земјоделско земјиште, а со третата фаза е предвидена изградба на 6 хидроцентрали. Со ова, ќе се заокружи повеќенаменскиот систем Злетовица којшто ќе биде целосно функционален и рентабилен.

„Обезбедувањето на квалитетни услови за живот, меѓу кои најважно е обезбедувањето на чиста вода за пиење во секоја општина, е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Владата на Република Северна Македонија има јасна цел и ја спроведува континуирано реализацијата на вакви капитални проекти во соработка со општините. Тие се од огромна важност за унапредување на здравјето на граѓаните за подобрување на квалитетот на животот и животната средина на граѓаните, но и за развој на земјоделството, бидејќи без вода нема модерно и квалитетно земјоделско производство”, истакна на крај во изјавата премиерот Спасовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димковски објасни дека оваа пречистителна станица е дел од повеќенаменски проект, хидросистемот Злетовица и дека со приклучување на Општина Карбинци трајно се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, особено во летниот период, бидејќи досега населението од оваа општина досега со воза за пиење се снабдуваше со вода за пиење преку локални бунари.

„Објектот е лоциран во месноста наречена Висок Рид во Општина Карбинци, односно помеѓу населбите Карбинци, Козјак и Радање. Со изградбата ќе се овозможи непречено снабдување со вода за пиење во населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Црвулево, Таринци, Долни Балван, Нов Караорман и Радање, во кои живеат околу 3.000 жители или 75% од вкупниот број на жителите на Општина Карбинци”, објасни министерот Димковски.

Министерот Димковски истакна дека овој е проект е 105,3 милиони евра, пари кои се обезбедени преку буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Обезбедувањето на квалитетни услови за живот меѓу кои најважно е обезбедувањето на чиста вода за пиење во секоја општина, е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Токму повеќенаменскиот проект Злетовица, на којшто интензивно работиме ќе ја подобри лошата состојба со водоснабдување во североисточниот дел на државата, но со дел од фазите на коишто се работи, ќе овозможи и зголемување на наводнуваните земјоделски површини”, потенцираше министерот Димковски.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев објасни дека рокот за изградба на пречистителната станица е до крајот на 2020 година.

„За да се стави во функција овој капитален објект потребно е да се изградат: распределителни цевководи за дистрибуција на пречистената вода од излезниот базен до постојните резервоари за водоснабдување на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Црвулево, Таринци, Долни Балван, Нов Караорман и Радање во должина од 17.8 километри и вредност на работите околу 44 милиони денари и пристапен пат до должина од 2.3 километри за кои веќе општината располага со проектна документација”, објасни градоначалникот Јордан Насев.

Градоначалникот Насев потенцираше дека подеднакво е важно што и самата технологија на пречистување – ултрафилтрација, како и влезната цена на водата од хидросистемот Злетовица даваат можност за намалување на цената на водата за корисниците со што ќе влијае поволно и на економската состојба на домаќинствата, корисници на оваа пречистителна станица.

Треба да знаете
Последни објави