Search

Претседателот Пендаровски прими претставници на Комитетот за социјални развојни работи од кинескиот Национален народен конгрес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација од Комитетот за социјални развојни работи на Националниот народен конгрес на Народна Република Кина. На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина, како и за можностите за соработка меѓу двете земји. На средбата беше констатирано дека односите меѓу двете држави се развиваат во нагорна линија. Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека стратешка цел на Република Северна Македонија е членството во Европската унија и во НАТО, но и дека државата цели кон продлабочена соработка со Народна Република Кина. Во тој контекст, Северна Македонија е активен учесник во иницијативата 17+1 за соработка меѓу НР Кина и земјите од централна и источна Европа.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка и помош од НР Кина за Република Северна Македонија, особено во сферата на образованието. На средбата беше констатирано дека идното взаемно укинување на визите, што е во фаза на усогласување, ќе биде дополнителен импулс во унапредувањето на односите меѓу Северна Македонија и НР Кина.

Претставниците на Комитетот за социјални развојни работи го поздравија постигнатиот договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и изразија поддршка за членство на Северна Македонија во Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави