Search

Претседателот Пендаровски од конференцијата „Балкански дијалози” во Берлин: И граѓаните во земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европската унија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска, во рамки на еднодневната работна посета на Сојузна Република Германија, учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози”. Како еден од панелистите на конференцијата во Берлин претседателот Пендаровски говореше на тема „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?”.

Навраќајќи се на октомвриската одлука на Европската унија да не и даде датум за преговори на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски потенцираше дека ЕУ не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан бидејќи, како што рече, и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард. „Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго преговараат, две земји односно Северна Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува”, рече претседателот Пендаровски. Во таа насока, како што подвлече претседателот Пендаровски, граѓаните на овие земји полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваме бенефитите и вредностите од членството во Унијата, односно, додаде претседателот Пендаровски, се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција.

На конференцијата „Балкански дијалози” претседателот Пендаровски го повтори ставот дека Република Северна Македонија не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту пак е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува при процесот на преговори со Унијата. Истовремено, претседателот Пендаровски нагласи дека Европската Унија не и е потребна на нашата земја само поради пристапот кон заедничкиот пазар, туку пред се, заради политичките и демократски вредности кои ги има и кои се практикуваат во земјите членки на ЕУ. Истите вредности, како што заклучи претседателот Пендаровски, за жал, сеуште не се на задоволително ниво, ниту во Северна Македонија, ниту пак во останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во однос на преговорите меѓу Србија и Косово претседателот Пендаровски истакна дека очекува ова прашање да се затвори со активно инволвирање на нашите западни пријатели, односно САД и ЕУ.

 

Треба да знаете
Последни објави