Search

Претседателот Пендаровски го прогласи отворено јубилејното 60. издание на „Охридско лето”

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на јубилејното 60-то издание на „Охридско лето”, во Античкиот театар во Охрид. Реномираниот меѓународен фестивал традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата.

– Македонскиот поет и лингвист, Конески, во еден од своите записи вели: „До кај што сум ја пренел својата љубов, до таму е мојата татковина… Фестивалот „Охридско лето” покажува дека сечија и нашата татковина може да биде целиот свет, ако веруваме во уметноста и во културата.

Годинава нашиот фестивал слави шест децении. Години во кои врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид. И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и посветеност се вградија себеси во мисијата на овој фестивал.

Годинава големиот јубилеј е засенет од глобалниот предизвик со кој сите се соочуваме. Поради пандемијата меѓу нас изникнаа бројни невидливи ѕидови на социјална дистанца и изолација. Во изминативе месеци, многумина со загриженост прашуваа како ќе изгледаат уметноста и културата во светот во кој вирусот, ковид-19 е доминантен?

Историјата сведочи дека во кризни времиња културата не умира, напротив, раѓа поинакви формати за понатамошно опстојување. Некои од најголемите уметнички дела се создадени токму во време на големи лични и заеднички трауми што ја ослободуваат креативноста. Наместо да исчезнат, многу уметнички и културни иницијативи и форми доживеаја дигитален препород. Затворени во своите домови, многумина од нас се восхитуваа на уметниците кои настапуваа на празните плоштади и во празните сали со цел да нѐ охрабрат да издржиме.

Но, во време на здравствени и економски предизвици, уметниците се и критичкиот глас што нѐ поттикнува да размислиме врз какви вредности треба да градиме подобар и поправеден заеднички свет. Сето ова се должи на вистината дека и во времиња на радост и во времиња на страдање, човекот токму преку културата и уметноста ги согледувал, ги отсликувал, но, и ги менувал општествените и политичките наративи.

Да се организира „Охридско лето” во услови на ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно. Веќе 60 години оваа манифестација е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметничко здружување и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите.

Нужно е да го задржиме нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето”. Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза. Императив е да вложуваме во културата и во уметноста за и во наредниве децении, од тука, од Охрид, уметниците да продолжат да учествуваат во градењето на свет што ќе биде, се надеваме, поправеден и поблагороден.

Со таа мисла, дозволете ми да го прогласам фестивалот „Охридско лето” за отворен, порача Пендаровски. 

Треба да знаете
Последни објави