Search

Претседателот Пендаровски го прими Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, при што беше констатирано дека тие се пријателски, со интензивни контакти на највисоко ниво.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за состојбите во двете земји, како и за актуелните состојби во регионот.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираната поддршка од Република Турција за евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија. Претседателот изрази очекување дека Република Турција, како стратешки партнер на Република Северна Македонија, наскоро ќе го ратификува протоколот за пристапување на земјата во НАТО.

Претседателот Пендаровски истакна дека членството на Република Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае за дополнителна стабилизација на регионот, како и во севкупната внатрешна општествено-политичка состојба во Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави