Search

Претседателот Пендаровски го прими директорот на Канцеларијата на Светска банка, Марко Мантованели

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, во рамките на регионот на Европа и Централна Азија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните економски состојби во Северна Македонија и беше изразено задоволство од воспоставениот партнерски однос со Светска банка, којшто како што беше нагласено, во изминатите 26 години има значителен придонес во остварувањето на нашата реформска агенда во повеќе области. Директорот на Канцеларијата на Светска банка, Мантованели, го информираше претседателот Пендаровски за тековните активности на групацијата, како и за целите и проектите коишто произлегуваат од новата четиригодишна рамка за партнерство со Северна Македонија, со која треба да се овозможи поддршка за побрз, сеопфатен и одржлив раст.

Претседателот Пендаровски ја нагласи исклучително важната улога на Светска банка во нашиот севкупен економски развој, притоа истакна дека иако земјава бележи позитивен тренд, неопходен е натамошен максимален ангажман од сите домашни релевантни фактори во градењето и одржувањето на политичката стабилност и правната предвидливост, како клучни предуслови за просперитет на Северна Македонија.

 

Треба да знаете
Последни објави