Search

Претседателот Пендаровски во посета на општина Куманово

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот” денеска престојува во посета на општина Куманово.

Претседателот го посети Општинското основно училиште „Толи Зордумис”, каде наставата се одржува на македонски и на албански јазик. Во него е имплементиран Нансен моделот за интеркултурно образование, којшто ги интегрира учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно – образовен процес.

За време на посетата на Куманово, претседателот Пендаровски се сретна со д-р Нурие Алији, која повеќе од 20 години се грижи за здравјето на жените во Куманово. Во моментов таа има 12 илјади пациентки. Авторка е на 23 научни трудови и е носител на Ноемвриската награда на град Куманово.

На средбата таа истакна дека е горда со своите постигнувања, а најголемо задоволство и е да помага на луѓето. И покрај обемната научна работа, нејзин приоритет се пациентите.

Претседателот Пендаровски посочи дека треба да се истакнуваат позитивните примери во општеството, како што е д-р Алији.

Претседателот Пендаровски го посети и метеорологот Борис Секирарски, кој повеќе од три децении работи во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје, а е носител на повеќе домашни и меѓународни признанија за своите иновации.

Следејќи ги климатските промени и последиците од нив, Секирарски го создал единствениот по функција македонски ИоТ (IoT Internet of things) уред наречен ЕЛИФ (Electronically Leed Internet Forecast), чија функција е предвидување на поплави и невреме. Секирарски, исто така, работи на поновиот систем ЕЛИФА за следење на промените на квалитетот на воздухот над поширок регион. Меѓу поновите негови успеси е системот кој ги обединува сите негови напори на полето на климатските промени, наречен  ЕлифЕРС (ELIF – Emergency Response System). Со него во регионот ќе можат да работат кризните штабови од различни нивоа и постојано да имаат проценки за различни закани од природата.

Секирарски на средбата истакна дека во денешно време е вистинска вештина да се пронајде точен и релевантен извор на податоци и треба да се одбере на кој извор ќе му верувате. Пред претседателот Пендаровски истакна дека целта му е неговите патенти да бидат од корист на граѓаните за навремено и точно следење на метеоролошките состојби.

Проектот „Лице в лице со Претседателот” е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеите за нивно надминување.

Треба да знаете
Последни објави