Search

Претседателот на Таџикистан побара помалку да го фалат

Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон побара помалку да го фалат, бидејќи оценил дека претерано се пеат песни во негова чест, јави државната телевизија.

Рахмон (66), кој е на чело на Таџикистан од 1992 година, изрази „загриженост” поради претераната промоција на неговата личност во музичките видео спотови.

– Претседателот даде инструкции на надлежните во Одборот за електронски медиуми повеќе да ја фалат неуморната работа на населението, важните достигнувања на земјата и исклучителната природа, наведе телевизијата.

Владината пропаганда редовно го прикажува Рахмон како спасител, кој воспоставил национално единство по граѓанската војна, која уследи по независноста на Таџикистан. Рахмон ужива титула шеф на нацијата, што му овозможува нему и на неговото семејство доживотен имунитет и разни други привилегии.

Култот на личност е присутен речиси во сите поранешни советски републики во Централна Азија.

И во соседниот Узбекистан неодамна беше соопштено дека не треба толку да се фали претседателот Шавкат Мирзијојев.

Узбекистанскиот орган задолжен за музичката индустрија неодамна соопшти дека на претседателот не му се потребни „рекламите од уметникот” откако се појави музичкото видео „Самослик со мојот претседател”. Таа песна, која редовно се прикажува на тамошните популарни канали, е критикувана на социјалните мрежи.

Претседателот на Туркменистан, поранешен стоматолог Гурбангули Бердимухамедов, исто така, побара во 2006 година, кога дојде на власт, да не го фали како претходник Сапармурат Нијазов, кој почина истата година. Меѓутоа, Бердимухамедов подоцна разви свој култ на личноста и на главниот плоштад во Ашхабад беше подигната неговата златна статуа.

Во Казахстан, претседателот Нурсултан Назарбајев, кој е на власт речиси 30 години, има свој празник и неколку музеи посветени на него. Тој беше инспирација и за трилогија на филмови за неговиот живот.

Треба да знаете
Последни објави