Search

Претседателот на Европскиот комитет на регионите со поддршка за старт на преговорите

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска беше домаќин на претседателот на Европскиот комитет на регионите, Карл- Хајнц Ламберц.

Османи и Ламберц на заедничката прес-конференција по средбата потенцираа дека сега е моментот Северна Македонија да почне преговори со ЕУ.

– По вчерашната порака од страна на претседателот на Советот (на ЕУ, Доналд) Туск, кој како претставник на централните власти на земјите – членки тука од Скопје повика на старт на преговорите, еве денеска ја имаме честа и претседателот на регионите, кој како претставник на непосредните власти, на градовите, регионите и општините, повторно тука од Скопје испрати порака за напредок во европските интеграции, за поддршка на земјава пред големата одлука во октомври, истакна Османи.

На состанокот станало збор и за начините на кои локалната самоуправа ќе се вклучи во преговарачкиот процес, особено во делот на имплементација на европското законодавство, кое во огромен дел или директно се имплементира на локално ниво, како и размена на добри практики меѓу европските региони и градовите.

Ламберц изрази задоволство од поддршката на централната власт за децентрализацијата и поддршката на локалните самоуправи, што според него покажува дека Владата ја препознава улогата на општинските власти во процесот на пристапување во ЕУ и во тој контекст побара одлука за старт на преговорите.

– Проблемите што ги имате овде се што вашите локални и регионални власти не се уникатни. Вакви проблеми можете да најдете во сите европски земји, меѓутоа основното прашање е која е целта, која рамнотежа на силите сакате да ја постигнете и како можете да управувате за тоа на законодавно и уште поважно ниво на спроведување на ваков вид регулатива, рече Ламбец, одговарајќи на новинарско прашање во врска со проблемите со децентрализацијата.

Од она што го видел, како што потенцира Ламберц, работите се многу позитивни.

– Беше донесена одлука локалната децентрализација да се спроведе и во поглед на фискалната децентрализација која мора да се спроведе и ги засега сите области во кои може да се спроведе – образование, здравство, транспорт, управувањето со отпад… Исто така мора да се зајакнат човечките и другите капацитети, управните и раководните капацитети на локалните власти. Тоа е еден сложен процес и потребно е време, рече тој.

Вицепремиерот за европски прашања нагласи дека за време на разговорите било посочено дека РСМ има потреба од т.н. Маршалов план за градење на човечки капацитети на локалната самоуправа за менаџирање на проекти, но не само на тие што ги нудиме ние со ЕУ, туку воопшто на човечки капацитети за подобро менаџирање на општините.

– Мислам дека тоа треба да ни биде фокус на сите на централно ниво заедно со општините, рече Османи, според кој прво треба да се работи на задржување на кадарот и негово надоградување и тоа да биде дел од еден централен проект.

Османи вели дека тоа за него како национален координатор е најголем предизвик за имплементација на ИПА фондовите.

– Човечкиот потенцијал на некој начин треба да биде главниот збор на политиките на Владата заедно со локалните власти во наредниот период, но се разбира тоа паралелно да оди со зајакнување на децентрализацијата. Очигледно дека фискалната децентрализација е прашање за кое што може многу да се посакува, бидејќи процентот на средства којшто оди во општините од централната власт е исклучително мал и тука веќе разговараме на ниво на координирање на политиките на Владата за зголемување, односно зајакнување на оваа фискална децентрализација, рече Османи.

Тој, исто така, посочи дека рамномерниот регионален развој треба да биде доминантна цел во политиките и на централната и на локалната власт за да се изедначат индикаторите на развој во различните региони.

Европскиот комитет на регионите е тело на ЕУ на регионални и локални претставници од сите 28 земји-членки, чија задача е да ги вклучи регионалните и локалните власти во процесот на одлучување на ЕУ и да ги информира за политиките на ЕУ. Во Европскиот комитет на регионите членуваат 350 претставници избрани од европските градови, региони и останати единици на локалните самоуправи, кои се политички одговорни пред избрано собрание во нивните матични региони и градови.

Треба да знаете
Последни објави