Search

Пресуда за Боки и Катица на 18 јуни

На 18 јуни во Основниот кривичен суд во Скопје, судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Масевска ќе ја соопштат пресудата за случајот „Рекет“. Обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.

Закажувањето доаѓа откако денеска своите завршни зборови ги кажаа Јанева и нејзините адвокати, а вчера тоа го направи и Боки со својот бранител. Обвинителката Вилма Русковска, пак, завршните ги даде на рочиште на 26 мај.

Адвокатката Ирена Фрчкоска во завршните зборови рече дека нејзиниот клиент, Јанева четири дена откако била фотографирана, наводно со снопче од 50.000 евра, дала негативно мислење за притвор на бизнисменот Јордан Камчев, а негативно мислење имала и ден откако тој го дал наводниот милион.

-Во овој судски процес се докажа дека Катица Јанева не сторила ништо незаконско. Спрема Јордан Камчев се постапувало и како спрема сите други осомничени. Тој не бил привилегиран од страна на Катица Јанева. Во овој процес се докажа дека Јанева не му понудила на Камчев да биде заштитен сведок, таа , рече таа.

И адвокат Дељо Кадиев во завршните зборови за предметот „Рекет“ денеска пред судот рече дека обвинителката за организиран криминал, Вилма Рускоска му дала можност на Орце Камчев преку овој случај да си даде одбрана за „Империја“.

Вчера адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски го оспори кредибилитетот на сведокот Орце Камчев и укажа дека Судот не може да ја носи пресудата врз основа на неговиот исказ бидејќи тој се претставил како оштетен за да си ја олесни положбата во Империја.

Бојан Јовановски во завршниот збор побара да биде ослободен за Рекет.

-Првата опција е врз основа на доказите кои ги нема да донесе Судот ослободителна пресуда. Втора опција е “црвениот телефон” кој значи затвор, но има едно усб кое ќе излезе во јавноста ако не се вештачи мојот телефон. Таму е се снимено. Не е точно дека “Алчноста на Катица Јанева го урна СЈО”. Скромноста и чесноста е карактеристика на Катица Јанева што се сосема спротивни карактеристика од тие на Рускоска. Најдобро би било обвинителот да стане и да каже дека го повлекува обвинението, тоа би било најдобро, но нема да се случи рече Боки.

-Сметам дека сум невина и не сум го сторила делото и се срамам што сум дел од обвинение за кое се покажа дека е клевета, затоа што не постојат никакви докази за делото за кое се товарам, изјави Катица Јанева, во завршен збор за случајот „Рекет”.

Истрага за овој предмет, Русковска ја отвори на 15 јули лани. Оттогаш, Боки се наоѓа во притвор, а околу еден месец подоцна беше приведена и Јанева. Таа пресудата ќе ја дочека од домашен притвор бидејќи во ноември лани притворот во затворот во Шутка ѝ беше заменет со домашен.

Судскиот процес пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.

Треба да знаете
Последни објави