Search

Препирка меѓу Ципрас и Мицотакис за време на расправата за гласање доверба на Владата

Економијата, европските избори на 26 мај, новиот пакет позитивни мерки на Владата, како и дневно-политички, внатрешни теми, се најдоа во фокусот на обраќањата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на почетокот на тридневната дискусија за гласање доверба на Владата, а во долгите и опширни обраќања не изостанаа и меѓусебните обвинувања и „препукувања” на високи тонови, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас изјави дека во 2015 година наследил распадната држава, општество во очај, празна државна каса и дефицит, а тие како Влада успеале да ја извлечат земјата од меморандумската политика.

Во говорот, грчкиот премиер го постави прашањето дали земјата треба да продолжи напред согласно планот и мерките што тој ги објави или треба да се врати назад на политиката на ММФ и на намалување на платите и пензиите.

Тој истакна дека одново бара доверба врз основа на планот за развој на грчката економија и поддршка на грчкото општество презентиран завчера преку позитивните пакет мерки.

– Денеска барам доверба од Парламентот, но и на 26 мај, на европските избори, доверба од грчкиот народ врз основа на планот за издигнување, закрепнување и зајакнување на многумина, што се однесува на денес и утре, но и генерално, би рекол на следните четири години, рече Ципрас.

Грчкиот премиер одговори и на критиките дека позитивните мерки всушност се предизборни ветувања и предизборни „подароци”.

– Не, дами и господа пратеници, не се ветувања, не се трикови, не се подароци. Тоа е правда. Тоа е враќање на она што беше украдено од грчкиот народ во изминатите години. Тоа е најмалку што можеме да направиме за многумина. И е почеток на нов праведен развоен пат за земјата, но е и практично почитување на жртвите на еден народ кој страдаше, наведе грчкиот премиер.

Лидерот на опозициската Нова демократија, му порача на Ципрас дека во изминатите 24 часа се обидува да ја смени темата на интерес.

– Ветувате дека ќе вратите многу малку од многуте работи што ги одземавте од граѓаните за четири години. Но, општеството, ги плати и ги плаќа даноците што Вие ги наметнавте и ова го знае многу добро. А во предизборни ветувања и подароци во последен момент ја гледа само вашата паника да ја смените насока на дискусијата, рече Мицотакис.

Тој ги повика Грците на 26 мај, на европските избори да испратат „јасна и силна порака на надеж, порака за промена и оптимизам” додавајќи дека земјата набргу ќе сврти нова страница.

Од дискусијата и препирката помеѓу Ципрас и Мицотакис не изостана и телевизискиот дуел. Грчкиот премиер, уште еднаш му се обрати на лидерот на Нова демократија со покана за ТВ дуел и го праша зошто не сака да прифати.

Мицотакис наведе дека тие не се телевизиски личности за да одат по телевизиите и да се занимаваат со тоа кој ќе има поголема гледаност.

– Овде е храмот на демократијата, господине Ципрас, овде ќе разговараме и овде ќе дадете објаснувања. Ако сакате телевизиска дебата, можете да направите нешто многу едноставно: распишете сега национални избори и ќе одржиме колку дуели сакате кога ќе се затвори Парламентот, истакна Мицотакис.
Тема за меѓусебни обвинувања беше и кандидатот за претседател на Европската Комисија од Европската народна партија, Манфред Вебер за кој Ципрас рече дека води антигрчка политика, а кој е поддржан од Нова демократија.

Тридневната расправа во грчкиот Парламент започна синоќа, продолжи утрово, а гласањето на пратениците за доверба на Владата се очекува да биде утре на полноќ.

Треба да знаете
Последни објави