Search

Премиерот Заев од Волково: За прв пат после 60 години се гради спортска сала во ООУ ,,Јоаким Крчовски’’

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик министерката за образование Елизабета Наумовска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, денеска направија увид на градежните работи за изведба на спортска сала при ООУ ,,Јоаким Крчовски’’во Волково.

Во изјавата за медиумите, премиерот Зоран Заев истакна дека изградбата на оваа спортска сала е во духот на реформите во основното образование и новиот Закон за основно образование, каде што има „тандем наставници“ за изучување на предметите по физичко образование, како еден од стратешките определби на Владата.

Село Волково и училиштето „Јоаким Крчовски“, рече премиерот Заев, за прв пат добиваат спортска сала после 60 години, која што се гради од Министерството за образование и наука со помош и со поддршка на Општина Ѓорче Петров и ќе им служи на 367 ученици од село Волково и село Орман.

„Се работи за спортска сала од 650 м2 со вкупна вредност од 24 милиони денари или 400.000 евра. Сакам да информирам, дека остануваме на намерата преку моделот на училиштен спорт да го зголемиме бројот на учениците кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.0000 во основното и средното образование.Оваа Влада е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се исклучително важни за обезбедување на квалитетен живот на младите и нивните родители. Направиме сериозни планови и најдовме решение за мотивирање на наставниците со поголеми плати во образованието”, истакна премиерот Заев.

Заменик-министерката за образование и наука Наумовска изрази задоволство одреализацијата на дел од проектот на Владата за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали за чие спроведување е задолжено Министерството за образование и наука.

„Спортската сала ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити и ќе овозможи услови за одвивање на сите мали спортови: кошарка, одбојка, ракомет, мал фудбал, бавење со гимнастика и слично. Објектот ќе опфаќа и соблекувални, санитарни јазли со тушеви и канцелариски простории за наставниците“, информираше Наумовска.

Според заменик-министерката за образование и наука спортската сала се гради согласно најсовремените стандарди, со енергетски ефикасниматеријални, со рампа за лица со посебни потреби, со средства обезбедени од Буџетот на државата, односно од Министерството за образование и наука и со заем на Банката за развој при Советот на Европа.

Таа подвлече дека салата интензивно се гради и ќе биде завршена до мај идната година и наредната учебна година учениците од ова училиште ќе можат спортските активности да ги реализираат во нов спортски објект.

Треба да знаете
Последни објави