Search

Премиерот Заев на средба со хрватскиот премиер Пленковиќ: Успехот на Северна Македонија е израз на реформите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на маргините на состанокот на лидерите на НАТО по повод 70 годишнината од постоењето на Алијансата оствари средба и со премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.

На средбата двајцата премиери се согласија дека успехот на Северна Македонија во процесот за пристапување кон полноправно членство во НАТО е израз на спроведувањето на реформите и на успешното решавање на сите билатерални прашања, а членството во Алијансата доаѓа како потврда на исправноста на овие политики.

Премиер Пленковиќ на средбата ја потврди силната поддршка од Хрватска за Северна Македонија и дека двете земји сега имаат уште една заедничка точка која ги поврзува и ги охрабрува за продлабочување на пријателските односи со сојузништвото во НАТО.

На средбата заеднички е констатирано дека позитивниот момент е одлична мотивација за исправање на грешката на ЕУ кога на последниот самит на Европскиот Совет не беше одобрено стартувањето на преговори со Северна Македонија и дека во претстојниот период, кога Хрватска ќе го преземе претседавањето со ЕУ, треба да се создадат сите неопходности Северна Македонија да го започне и овој процес.

Тоа, беше речено на средбата, е силен мотив за продолжување на реформите во земјата, а комплетирањето на евро-атлантските аспирации на Северна Македонија е од посебно значење и за одржливиот мир и стабилност на регионот.

 

Треба да знаете
Последни објави